Додека за многумина пролетното чистење значи брза и заморна обврска што треба што побрзо да заврши, во јапонската традиција постои поинаков пристап. Станува збор за Ōsōji, метода чие име во превод значи „големо чистење“, а која не се сведува само на расчистување на домот, туку и на создавање чувство на ред, јасност и ментален ресет.
Овој ритуал е длабоко вкоренет во јапонската култура и се темели на темелно, свесно и систематско чистење, наместо на случајно средување кога ќе се најде време или енергија. Идејата е просторот да не се доживува само како место што треба да се исчисти, туку како средина што влијае врз секојдневното расположение и ритам.
Еден од основните принципи на Ōsōji е чистењето да се одвива по јасен редослед. Наместо да се преминува од една задача на друга без план, се почнува од влезот во просторијата и се продолжува во насока на стрелките на часовникот, сè додека кругот не се затвори. На тој начин процесот станува попрегледен и поефикасен.
Методата инсистира и на правило што многумина го прескокнуваат: секогаш да се чисти од горе надолу. Тоа значи дека прво се средуваат полиците, лустерите и повисоките површини, а дури потоа се преминува на пониските делови и подовите. Така се избегнува повторно валкање на веќе исчистени места.
Посебен дел од Ōsōji е и отстранувањето на сè што го нарушува просторот, визуелно или емоционално. Тука не станува збор само за прашина и неред, туку и за мали промени што можат да создадат чувство на освежување, како чиста постелнина, освежен душек, среден мебел или отстранети дамки што долго биле игнорирани.
Методата традиционално се практикува и со други луѓе, а причината е едноставна: кога сме навикнати на сопствениот простор, често престануваме да го забележуваме нередот. Дополнителен пар очи, без разлика дали е партнер, пријател или член од семејството, може да помогне да се види она што инаку останува незабележано.
Во време кога советите за организација и расчистување сè почесто стануваат вирални и на социјалните мрежи, Ōsōji повторно привлекува внимание како метода што ветува повеќе од чист дом. За многумина, токму во тоа е нејзината привлечност: не само да се среди просторот, туку и да се почувствува дека нешто навистина е започнато одново.