Јапонија затрупана од снег: најмалку 30 жртви во екстремни врнежи

Невообичаено силните снежни бури ја погодија северна и западна Јапонија, оставајќи десетици загинати, изолирани заедници и сериозно нарушен сообраќај.

Најмалку 30 лица го загубија животот во Јапонија, откако земјата беше погодена од невообичаено обилни снежни врнежи кои траат со денови и ги затрупаа цели региони, јавуваат меѓународните медиуми.

Најтешко погодени се северните и планинските делови на земјата, каде што снежната покривка на поединечни места надминува неколку метри, целосно блокирајќи села, патишта и железнички линии. Дел од жртвите загинале при расчистување на снег, по падови од покриви или поради тоа што биле затрупани во своите домови и дворови.

Според властите, голем број рурални и оддалечени населени места останале отсечени од остатокот на земјата, со ограничен пристап до храна, медицинска помош и основни услуги. Армијата и службите за итна помош се ангажирани во расчистување на патиштата и евакуација на најзагрозените, особено постарото население.

Снежните бури предизвикаа и сериозни нарушувања во сообраќајот – откажани летови, прекинат железнички превоз и затворени автопати. Метеоролошките служби предупредуваат дека опасноста сè уште не е целосно помината и апелираат граѓаните да избегнуваат непотребни движења.

Експертите посочуваат дека иако обилните снежни врнежи не се непознати за Јапонија, актуелниот интензитет и времетраење се сметаат за невообичаени, што повторно го отвора прашањето за влијанието на климатските промени врз екстремните временски појави.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни