Јапонија ја напушта традицијата: Санае Такаичи е првата жена премиерка

Историски чекор во земја која со векови ги задржуваше строгите родови улоги – Санае Такаичи стана првата жена на чело на јапонската влада и отвори прашања за иднината на политиката и општеството.

Санае Такаичи денес влезе во историјата како првата жена премиерка на Јапонија, откако парламентот ѝ даде доверба да ја преземе функцијата во време на сериозна политичка нестабилност и поделби. Нејзиниот избор доаѓа по внатрепартиски турбуленции во владејачката Либералдемократска партија и пад на довербата во претходната влада, а аналитичарите предупредуваат дека првите месеци ќе бидат тест за нејзината способност да консолидира мнозинство и да врати политичка стабилност.

Фактот што Јапонија – држава која со векови се смета за една од најконзервативните во однос на родовите улоги – добива жена на чело на владата, претставува повеќе од симболичен момент. Тој зборува за постепената, но реална трансформација на јапонското општество, каде што прашањата за родова рамноправност, вклучување на жените во високата политика и промена на традиционалните норми стануваат сè погласни. Такаичи, која во јавноста има имиџ на „јапонската Тачер“, ќе биде под лупа не само како политички лидер, туку и како референтна точка за тоа дали оваа историска промена ќе има подлабоки општествени ефекти.

Во политички план, Такаичи најавува програма што комбинира цврст конзервативен пристап со економски и безбедносни реформи: ревизија на пацифистичкиот устав, посилна одбранбена политика во услови на зголемена регионална напнатост, реструктурирање на економијата и ограничување на имиграцијата. Таквиот курс може да ја зајакне улогата на Јапонија како геополитички фактор во Источна Азија, особено во односите со Кина и Северна Кореја, но и да отвори дебати внатре во државата за балансот меѓу традицијата и модернизацијата, безбедноста и човековите права.

Иако нејзината појава на врвот на јапонската влада се доживува како симболичка победа за жените, реалноста зад останува сложена. Такаичи најави дека ќе ги „подигне нивата на женско учество“ во кабинетот до нивоа споредливи со оние на Северна Европа. Меѓутоа, истовремено таа се противи на легализација на истополовите бракови, на дозволување посебни презимиња за сопружниците и ја поддржува исклучиво машката линија за наследство на престолот. Така, додека нејзиниот мандат носи можност за повисоко присуство на жени во политиката, го поставува прашањето: дали ова ќе биде почеток на суштинска промена за родовата рамноправност или само нова фасада зад која се крие традиционализмот?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни