Јапонија ја рестартира најголемата нуклеарна централа во светот, додека спомените од Фукушима сè уште се свежи

Јапонија повторно ја започна работата на најголемата нуклеарна централа во светот за првпат откако катастрофата во Фукушима во 2011 година ја принуди земјата да ги затвори сите свои реактори.

Одлуката за рестартирање на реакторот број 6 во нуклеарната централа Кашивазаки-Карива, северозападно од Токио, беше донесена и покрај загриженоста на локалното население за безбедноста.

Пуштањето во работа беше одложено за еден ден поради дефект на алармен систем, а комерцијалното производство на електрична енергија се очекува да започне следниот месец.

Јапонија, која во голема мера зависи од увоз на енергија, беше меѓу првите земји што ја прифатија нуклеарната енергија. Но во 2011 година, најсилниот земјотрес некогаш регистриран во земјата предизвика топење на реакторите во Фукушима, што резултираше со една од најтешките нуклеарни катастрофи во историјата.

Ова рестартирање е најнов чекор во долг и сложен процес на повторно активирање на нуклеарната енергија во Јапонија.

Седмиот реактор во Кашивазаки-Карива не се очекува да биде активиран пред 2030 година, додека преостанатите пет може целосно да бидат деактивирани. Тоа значи дека централата ќе има значително помал капацитет од порано, кога сите седум реактори работеа со вкупен капацитет од 8,2 гигавати.

Катастрофата во нуклеарната централа Фукушима Даичи, која се наоѓа 220 километри североисточно од Токио, доведе до истекување на радиоактивни материи. Локалното население беше евакуирано, а многумина сè уште не се вратиле и покрај официјалните уверувања дека областа е безбедна.

Критичарите тврдат дека сопственикот на централата, компанијата ТЕПКО, не бил подготвен, а и дека реакцијата на компанијата и владата била слабо координирана. Независен владин извештај ја нарече катастрофата „човечки предизвикана“, иако суд подоцна ослободи тројца раководители на ТЕПКО од обвиненија за небрежност.

Стравот и недовербата кон нуклеарната енергија доведоа до целосно запирање на сите реактори во земјата.

Премиерката Санае Такаичи, која ја презеде функцијата во октомври, силно се залага за рестартирање на што е можно повеќе нуклеарни централи, со цел Јапонија да ја зголеми енергетската независност и да ги исполни целите за јаглеродна неутралност до 2050 година.

Од 2015 година досега, Јапонија повторно активираше 15 од вкупно 33 оперативни реактори. Кашивазаки-Карива е првата централа на ТЕПКО што повторно е пуштена во работа.

Пред 2011 година, нуклеарната енергија обезбедуваше речиси 30% од електричната енергија во Јапонија, а плановите беа тој удел да порасне на 50%. Денес, целта е значително поскромна – 20% до 2040 година.

Сепак, експертите предупредуваат дека тоа ќе биде тешко остварливо. Во 2023 година, нуклеарната енергија учествувала со само 8,5% во вкупното производство на електрична енергија.

Иако глобално интересот за нуклеарна енергија расте, критичарите велат дека Јапонија заостанува и дека рестартирањето е „капка во врел камен“.

Дополнителен проблем се и скандалите кои ја разнишаа довербата на јавноста. Во Кашивазаки-Карива, вработени изгубиле доверливи документи, а други неправилно ракувале со чувствителни податоци. Регулаторните тела остро реагираа, а надзорот е заострен.

По Фукушима, безбедносните стандарди се значително зголемени. Во централата се изградени 15-метарски заштитни ѕидови против цунами, а критичната опрема е дополнително заштитена од вода.

Сепак, експертите предупредуваат дека новите мерки се подготвени за катастрофи од минатото, но можеби не и за идните ризици, како пораст на нивото на морињата или таканаречениот „мега-земјотрес“ што Јапонија го очекува со децении.

„Ако историјата се повтори, Јапонија е подготвена. Но ако се случи нешто што никогаш досега не сме го виделе – тогаш никој не знае“, предупредуваат експертите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни