Граѓаните на Јапонија денес гласаат за новиот состав на Долниот дом на парламентот на вонредни парламентарни избори, при што анкетите укажуваат на јасна победа на Либерално-демократската партија (ЛДП) на десничарската премиерка Санае Такаичи, која ја презеде функцијата пред нешто повеќе од три месеци.
Според проекциите, ЛДП има реални шанси повторно да обезбеди апсолутно мнозинство во Долниот дом, кој брои 465 пратеници, а не се исклучува ниту можноста за двотретинско мнозинство доколку ја формира најавената коалиција со неолибералната Ишин – Јапонска иновациска партија.
Либерално-демократската партија, која речиси непрекинато владее со Јапонија од 1955 година, ја загуби парламентарната контрола на изборите во 2024 и 2025 година, но актуелните анкети покажуваат силно враќање на довербата кај гласачите.
Избирачките места се затвораат во 20 часот по локално време (12 часот по средноевропско време), а првите проекции на резултатите, базирани на излезни анкети, се очекуваат кратко потоа. Сепак, зимските временски услови претставуваат фактор на неизвесност, бидејќи обилните снежни врнежи во некои делови од земјата би можеле да го отежнат гласањето.
Санае Такаичи (64), која во октомври беше избрана за прва жена премиер во историјата на Јапонија, ужива висока поддршка во јавноста. Таа ја изненади опозицијата со брзото распишување на вонредни избори, со цел да ја зацврсти својата политичка позиција и да обезбеди стабилно парламентарно мнозинство.
На спротивната страна, Уставната демократска партија на Јапонија, заедно со долгогодишниот коалициски партнер на ЛДП – Комеито, формираа нов Центристички реформски сојуз, кој се позиционира како либерална алтернатива на политиките на Такаичи. Сепак, анкетите предвидуваат дека оваа опција ќе претрпи значителни изборни загуби.
