Јапонци го откажаа познатиот фестивал на црешите: Туристите го загрозија животот на локалното население

Град во близина на планината Фуџи го откажа фестивалот на цветање на црешите поради хаос, отпад и непримерно однесување на туристите.

Јапонскиот град Фуџијошида, кој се наоѓа во близина на планината Фуџи, годинава го откажа својот прочуен фестивал на цветање на црешите, поради, како што соопштија локалните власти, неодржливиот пораст на бројот на туристи што сериозно го нарушува секојдневниот живот на жителите.

Градот со години се соочува со хронични сообраќајни гужви, огромни количини отпад и непримерно однесување на посетителите, а дел од жителите се пожалиле дека туристи без дозвола влегуваат во приватни имоти, па дури и вршат нужда во дворовите, пренесува BBC.

„Силно чувствуваме криза“

Градоначалникот на Фуџијошида, Шигеру Хориучи, изјави дека популарниот живописен пејзаж сериозно го загрозува „мирниот живот на граѓаните“.

„Силно чувствуваме криза. За да го заштитиме достоинството и животната средина на нашите жители, одлучивме да го прекинеме фестивалот кој се одржуваше повеќе од 10 години“, изјави тој при објавувањето на одлуката.

Од туристички магнет до преголем товар

Фестивалот започнал во 2016 година во паркот Аракурајама Сенген, со цел да се зголеми туристичката атрактивност на регионот. Паркот нуди панорамски поглед кон градот и пагодата, а фотографиите од оваа локација станаа вирални на социјалните мрежи.

Сепак, властите велат дека бројот на посетители во последните години драматично се зголемил, надминувајќи ги капацитетите на градот и предизвикувајќи т.н. претеран туризам, со сериозни последици врз локалната заедница.

За време на врвот на сезоната на цветање, во градот пристигнувале и до 10.000 туристи дневно. Како главни причини се наведуваат слабиот јен и експлозивната популарност на дестинацијата на социјалните мрежи.

Неприфатливо однесување

Градските власти информираат дека туристи отворале врати од приватни куќи за да користат тоалет, навлегувале на приватни имоти, фрлале отпад и се однесувале агресивно кога биле опоменувани од жителите.

Иако фестивалот е откажан, градот и понатаму се подготвува за зголемен број посетители во текот на април и мај.

Јапонија сè почесто воведува мерки

Ова не е изолиран случај. Во 2024 година, во местото Фуџикавагучико беше поставена голема црна ограда за да се блокира популарен видиковец, откако жителите се пожалија на отпад и хаотично паркирање од туристи.

Слични мерки воведуваат и европските земји. Италијанските власти неодамна воведоа такса од 2 евра за пристап до видиковецот кај фонтаната Треви во Рим, додека во Венеција еднодневните посетители плаќаат од 5 до 10 евра за влез во градот во одредени денови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни