Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави драстично намалување на бројот на студиски програми на универзитетите, оценувајќи дека е неприфатливо во државата да функционираат програми со по само неколку студенти.
Според неа, во моментов на универзитетите се реализираат над 1.300 студиски програми, меѓу кои има и такви со по 2, 3 или 5 запишани студенти, што, како што рече, е неодржливо.
„Со новите измени на Законот за високо образование очекуваме значително намалување на бројот на студиски програми. Дел од нив ќе се самоукинат, а дел ќе бидат затворени по сила на закон, бидејќи јавните високообразовни установи ќе мора брзо да се прилагодат на новите услови“, изјави Јаневска на денешната прес-конференција.
Таа појасни дека новиот концепт предвидува модуларни студии, при што студентите ќе добиваат општа диплома во првите години, а потоа ќе се насочуваат кон потесни области.
„На пример, сите студенти на Правниот факултет ќе добиваат диплома за дипломиран правник. Првите две години ќе бидат исти за сите, а потоа ќе се специјализираат – кривично, граѓанско, римско право и слично. Овој принцип ќе важи и за другите факултети“, рече Јаневска.
Министерката увери дека укинувањето на студиските програми нема да значи автоматско губење на работните места за професорите, но призна дека постои сериозен проблем со нерамномерната распределба на кадарот.
„Имаме и превработеност и недостиг на професори. Вработувањата ќе се вршат строго по систематизација, за да нема ниту премалку, ниту премногу наставен кадар“, додаде таа.
Новите законски решенија – Законот за високо образование, Законот за квалитет во високото образование и Законот за научно-истражувачка дејност – ги подготвило Националното координативно тело за реформи во високото образование, составено од околу 60 професори кои работеле пробоно.
Една од новините е и тоа што предност при вработување како наставно-научен кадар ќе имаат студенти кои со државна стипендија студирале на најдобрите 100 универзитети во светот, како и добитниците на Инженерскиот прстен и прогласените за најдобри студенти.
Дополнително, се воведуваат построги критериуми за избор во наставно звање, поголемо финансирање за универзитетите што ќе исполнуваат повисоки стандарди, национално рангирање на универзитетите и воведување стручни, односно индустриски студии, кои ќе бидат понасочени кон потребите на пазарот на труд.
„Целта е поквалитетно, поконкурентно и пофункционално високо образование“, порача Јаневска, изразувајќи очекување Собранието да ги усвои сите три закони.
