Отворена изложбата „CongreXpo“ во Скопје: студентски визии за нова конгресна и саемска дворана

На Архитектонскиот факултет во Скопје се отвори изложбата „CongreXpo“, на која се претставени студентски проекти за современа конгресна и саемска дворана.

Вчера на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје беше отворена изложбата „КОНГРЕСНА И САЕМСКА ДВОРАНА – CONGREXPO“, во рамки на Интегративно студио 9, деветти семестар 2025/2026 година.

Изложбата е организирана од Катедрата за проектирање општествени згради и ги претставува студентските авторски решенија на тема современ конгресно-саемски комплекс во Скопје. Педагошкиот тим го сочинуваат проф. д-р Михајло Зиноски (раководител), арх. спец. Александра Марсениќ Крајчески (соработник од пракса) и м.арх. Јована Нецева (демонстратор).

Темата „CongreXpo“ има за цел да поттикне јавен дијалог за потребата од нов, современ архитектонски и програмски комплекс за конгресна и саемска дејност во главниот град.

Во образложението се посочува и значењето на некогашниот скопски саем, изграден во периодот 1970–1972 година, дело на авторите Славко Ѓуриќ и Благоја Мицевски, кој беше урнат во 2020 година без претходна најава.

Објектите од ваков тип се препознаваат по своите големи димензии и препознатлив структурен израз, а истовремено претставуваат значајни урбани обележја. Тие имаат специфична улога бидејќи во нив се одржуваат настани што ги претставуваат научните, технолошките и индустриските достигнувања пред широка публика.

Во рамки на академската слобода, студентите изработиле десет авторски проектни решенија, преку кои покрај креативниот израз, се соочиле и со различни проектантски предизвици поврзани со јавни објекти со голема посетеност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни