„Моменти низ времето“: Изложба на Моника Десоска

Во Скопје се отвора изложбата на Моника Десоска со циклусот „Моменти низ времето“, која ќе може да се посети од 25 март до 2 април, секој работен ден од 10 до 15 часот.

На 25 март, среда во 20:00 часот во Скопје ќе биде отворена изложбата на уметницата Моника Десоска, која пред ликовната публика се претставува со серија дела од нејзиниот циклус „Моменти низ времето“.

Изложбата ќе биде достапна за посетителите од 25 март до 2 април, секој работен ден во период од 10:00 до 15:00 часот.

Во овој циклус, Десоска преку лична ретроспектива и процес на самооткривање ги истражува сеќавањата како белег низ димензиите на времето. Нејзините дела го толкуваат човековото постоење, поттикнувајќи чувство на носталгија, копнеж и внатрешна рефлексија кај набљудувачот.

Таа преку визуелниот израз ги евоцира спомените, ги стимулира соништата и ја отвора надежта, прикажувајќи сцени кои се поврзани со детството, безгрижните денови и внатрешната трансформација низ времето.

Во делата се препознава динамика на контраст, силен сензибилитет и нагласен тактилен пристап, кој ја истакнува поврзаноста на уметницата со природата и слободниот дух на изразување. Централните композиции го акцентираат дејството и го повикуваат гледачот на лично доживување и интерпретација.

Како што истакнува самата уметница, „портата на тишината“ останува отворена како симболичен повик за внатрешно патување и самооткривање.

Десоска (1973, Прилеп) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1997 година. Живее и работи во Скопје, а зад себе има бројни самостојни изложби, награди и интердисциплинарни проекти реализирани во земјата и во странство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни