„Јадрански минијатури“: Фотографска изложба на Тончи Станчиќ вечерва во Скопје

Во КИЦ – Скопје се отвора изложба на фотографии што ја истражува светлината, деталот и неуловливото на јадранскиот пејзаж.

Во Културно-информативен центар – Скопје (Империјал 1), вечерва со почеток од 18:30 часот, ќе биде отворена изложбата на фотографии „Јадрански минијатури“ на хрватскиот фотограф и поранешен дипломат Тончи Станчиќ.

Секоја фотографија, во својата суштина, е обид за припитомување на неуловливото – токму тоа го нудат делата на Тончи Станчиќ. Неговите фотографии функционираат како визуелни партитури во кои светлината не е само технички предуслов, туку главен протагонист и градбен елемент. Често опишуван како „мајстор на деталот со око на патник“, Станчиќ не ја бележи стварноста пасивно, туку ја преобразува во субјективна визија, бришејќи ги границите меѓу виденото и почувствуваното.

М-р Влахо Бранѓолица истакнува дека изложбата „Јадрански минијатури“ нуди многу повеќе од документарен пристап – таа е длабоко нурнување во интимата на авторот. Секој кадар делува како визуелен хаику: концизен во формата, а раскошен во значењето. Авторот не фотографира објекти, туку ја лови тишината меѓу два вдишувања, трепетот на сенката и атмосферата што се граничи со ониричното.

Преку играта на светлина и сенка, контрастите и боите, фотографиите стануваат огледала на внатрешните пејзажи на набљудувачот, повикувајќи го да забави и во деталот да го препознае универзалното. Во овие дела мотивите одбиваат да мируваат – тие се треперливи, флуидни и речиси сонишни, како да се обидуваат да ја впијат целата сила на моментот што му бега на голото око.

Станува збор за интимни, минималистички визуелни приказни во кои сенките, геометриските облици на едрата, телесните контури и морските текстури се претвораат во апстрактни форми. Тие не се фактографски белешки, туку автентични светлописи – визуелни записи каде надворешниот свет се прожима со внатрешните расположенија на авторот.

Фотографиите на Тончи Станчиќ, изложени во галеријата на КИЦ – Скопје, не се само прикази на природата, туку студии за светлината и текстурата. Со речиси архитектонска прецизност, авторот го гради кадарот така што статичните мотиви добиваат флуидност, а морето и вегетацијата стануваат дел од една тивка, но интензивна визуелна драма.

Она што ја издвојува оваа изложба е минуциозната фотографска техника со која сложените структури и текстури се доведени во внимателен баланс. „Јадрански минијатури“ потсетува дека природата е врвен уметник, а фотографот – медиум што нејзината убавина ја преведува во трајна, визуелна меморија.

Тончи Станчиќ (Сплит, 1954) е хрватски фотограф и поранешен дипломат. Дипломирал на Правниот факултет во Сплит, а магистрирал во Загреб. Од 1992 до 2019 година извршувал високи дипломатски функции, меѓу кои и заменик-амбасадор, помошник-министер и амбасадор на Република Хрватска во повеќе европски земји.

Со фотографија се занимава од младоста, а од 2007 година активно изложува на самостојни и групни изложби. Меѓу позначајните се „По патот…“, „Чекор зад реалноста“ и „Босна и Херцеговина и други приказни“, како и онлајн изложбата на платформата Fotosofia.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни