Според наводите, искусниот алпинист ја оставил девојката сама дури шест и пол часа за да побара помош, но за тоа време таа починала од екстремниот студ, пренесува Daily Mail.
Парот од Салцбург бил само 50 метри под врвот на планината висока 3798 метри кога жената почнала да ја губи силата и не можела да продолжи со искачувањето. Наместо да остане со неа, партнерот заминал сам по помош, но било предоцна. По повеќемесечна истрага, државното обвинителство поднесе обвинение за убиство од крајна небрежност, за што му се закануваат до три години затвор.
Обвинението открива серија тешки пропусти
Во соопштението од обвинителството се наведува дека „обвинетиот ја оставил својата девојка незаштитена, исцрпена, хипотермична и дезориентирана, околу 50 метри под крстот на врвот на Гросглокнер“.
Истражителите утврдиле дека мажот бил искусен алпинист и ја планирал турата, па се смета дека имал улога на водич. Анализите на податоците од мобилен телефон, спортски часовници и изјавите на експерти покажале дека тој не ја земал предвид нејзината неискуственост, за неа тоа бил прво искачување од ваков тип.
Обвинет е и дека по тргнувањето започнале два часа подоцна од планираното и дека немале соодветна опрема за итни случаи. Кога ја напуштил, не ја засолнил од ветрот, ниту употребил термо-ќебе или вреќа.
Задоцнет повик за помош и пропуштени сигнали кон хеликоптерот
Дополнителен проблем била и несоодветната опрема што ја користела жената, сплитборд и меки чизми за снег, кои не се препорачуваат за мешовит висок терен. Со оглед на силниот ветер (до 75 km/h) и осетената температура од -20°C, тужителството смета дека парот морал многу порано да се врати назад.
И покрај тоа што биле во тешкотии уште околу 20:50 часот, мажот не побарал помош пред да настапи темница. Кога полициски хеликоптер го прелетал подрачјето во 22:50 часот, тој не дал никаков сигнал.
Алпската полиција се обидувала да стапи во контакт со него, а тој се јавил дури околу 00:35 часот. По разговорот, не ги контактирал повторно спасувачите, го исклучил телефонот и го спакувал. Дури во 3:30 часот наутро, по повеќе часови раздвоеност од девојката, конечно упатил повик за помош.
Одбрана: „Трагична несреќа“
Поради силниот ветер, спасувачкиот хеликоптер не можел да полета на разденување. Планинските спасувачи пристигнале до жената нешто по 10 часот, но можеле само да ја констатираат смртта.
Адвокатот на обвинетиот, Курт Јелинек, изјави дека „клиентот длабоко жали за тоа како се одвивале настаните“, но одбраната и понатаму тврди дека станува збор за „трагична и кобна несреќа“.
Судењето е закажано за 19 февруари 2026 година на Регионалниот суд во Инсбрук.
Овој случај потсетува и на трагедијата од август, кога руската алпинистка Наталија Наговицина (47) беше прогласена за мртва откако две недели останала заробена на врв висок над 7000 метри во Киргистан.
Таа ја скршила ногата за време на искачувањето на Врвот на победата и останала беспомошна во својот шатор. По неколку неуспешни обиди за спасување, областа била снимана со дрон со термална камера, која не забележала траги на живот.
Во соопштението на државната безбедносна агенција се наведува: „Врз основа на анализата на добиените податоци и земајќи ги предвид екстремните временски услови и специфичностите на теренот, не се пронајдени знаци на живот на локацијатa.“
Извор:Index.hr
