Претходниот месец од печат излезе целосниот превод на Изворите на тоталитаризмот од Хана Арент, во превод на Катерина Јосифоска, а во издание на издавачката куќа Илика.
Станува збор за едно од највлијателните дела во политичката филозофија на XX век, во кое Арент се фокусира на три клучни теми: антисемитизмот, империјализмот и тоталитаризмот. Преку нив, таа гради широка историска и теориска рамка што ги анализира условите, механизмите и последиците од појавата на тоталитарните режими.
Книгата нуди длабински увид во начините на кои се создаваат и одржуваат формите на тотална доминација и радикално зло, но и во опасноста од нивното „надживување“ – односно опстојување на тоталитарните идеи и по падот на самите режими. Токму поради тоа, делото останува исклучително релевантно и денес, во контекст на современите политички и општествени кризи.
Во поговорот на изданието, преведувачката Катерина Јосифоска укажува дека Арент предупредува на постојаното искушение на општествата да одговорат на политичката, социјалната и економската беда на недостоинствен начин – преку уништување на „другиот“, преку насилство, масакри и етнички чистки. Овие појави, како што истакнува, продолжуваат да се повторуваат како сенка и во последните децении на XX и во првите децении на XXI век.
Изданието е поддржано од Гете институт и од Друштво за македонско-германско пријателство и соработка. Книгата е достапна во кафе-книжарницата „Илика“, како и во други книжарници низ Скопје.
