Извештајот, кој го предводи добитникот на Нобеловата награда за економија Џозеф Стиглиц, е нарачан од јужноафриканското претседателство со Г20 и ја става нееднаквоста рамо до рамо со климатската криза како глобален предизвик.
„Секоја четврта личност во светот редовно прескокнува оброк, додека богатството на милијардерите достигна невидени размери,“ стои во извештајот. Стиглиц нагласи дека „нееднаквоста е избор – нешто што може да се промени“, повикувајќи ги светските лидери да покажат политичка волја за системски реформи.
Предупредување за растечки јаз
Од 2000 година наваму, нееднаквоста во приходите меѓу луѓето се намали благодарение на растот на Кина, но јазот во богатството продолжи да се продлабочува. Еден процент од најбогатите ја поседуваат 41% од севкупното ново создадено богатство, додека 50% од најсиромашните добиле само 1% од тој износ.
Авторите предупредуваат дека во наредните три децении околу 1.000 милијардери ќе пренесат повеќе од 5,2 трилиони долари на своите наследници, најчесто без даночни обврски, што ќе ја продлабочи меѓугeнерационата нееднаквост.
Можни решенија
Како потенцијални мерки, извештајот предлага:
- праведна даночна реформа и повисоки придонеси од мултинационални компании и најбогатите поединци,
- разбивање на монополи и стабилизација на цените,
- реструктурирање на долговите на земјите во развој.
Во документот се поврзуваат економската нееднаквост и ерозијата на демократијата, бидејќи „нееднаквоста го нарушува довербата во институциите, поттикнува политичка поларизација и создава општествени тензии“.
Стиглиц предложи создавање меѓународен панел за нееднаквост, сличен на оној за климатски промени (IPCC), кој би развивал анализи и политики против акумулацијата на богатството кај елитите.
Јужна Африка, прва африканска земја што претседава со Г20, најави дека ова прашање ќе биде еден од клучните приоритети на ноемврискиот самит, иако аналитичарите очекуваат отпор од администрацијата на Доналд Трамп, која веќе најави дека нема да учествува на средбата во Јоханесбург.
Извор: N1info.rs