На институционалната рамка на Европската Унијата и е потребна модификација за да биде соодветна да одговори на предизвиците од институционална и политичка природа, при што идните проширувања претставуваат катализатор за овие измени, се наведува во Извештајот на Европскиот парламент за институционалните последици од преговорите за проширување на ЕУ.
Во Извештајот на францускиот европратеник Сандро Гоци што беше усвоен на денешната седница на Европскиот парламент со 310 гласови „за“, 277 „против“ и 53 „воздржани“, се истакнува потребата од реформи на институционалната рамка на Унијата со цел да се обезбеди функционалност на идната проширена ЕУ.
Како што се наведува во документот негова појдовната точка е создавањето помоќна, поефикасна, поконкурентна и подемократска Унија заснована на принципот на слободен политички избор, продлабочувајќи ја интеграцијата на ЕУ со цел да се искористат предизвиците на 21 век.
– Цената на неспроведувањето реформи во институционалната архитектура и носењето одлуки во една проширена Унија со повеќе од 30 земји членки, е превисока и ризична. Затоа, прашањето не е дали да се прошири или не, туку како да се направи Унијата и нејзините земји членки да имаат најголема корист од следното проширување, се вели во Извештајот.
Во него се посочува дека предизвиците се познати и добро документирани, а потребата од реформи е консензуална, што го прави овој императив уште поитен.
Според авторот на Извештајот, целта на реформите е да се овозможи проширената Унија да биде поефикасна преку измена на составот и функционирањето на главните институции на ЕУ – Парламентот, Советот и Комисијата, како и таа да може да дејствува побрзо во донесувањето одлуки преку ограничување на правото на вето и зголемено одлучување со квалификувано мнозинство.
Дополнително, реформите треба да обезбедат идната ЕУ да стане помоќна преку создавање европски одбранбен систем и зголемување на инвестициите, како и биде подемократска и поодговорна со давање дополнителни овластувања на Европарламентот како единствена директно избрана институција на ЕУ, но и преку реформирање на европскиот изборен закон.
Можните начини за спроведување на тие институционални реформи пред проширувањето на ЕУ, според Извештајот, треба да се базираат на флексибилноста што ја нудат сегашните договори, како и да бидат насочени кон клучни измени на Договорот на ЕУ.
– Извештајот дава навремен придонес кон долгоочекуваните прегледи на политиките на Комисијата пред проширувањето, кон извештајот за напредокот на Данското претседателство со Советот на ЕУ за иднината на Европа, како и кон заклучоците на Европскиот совет на истата тема, се додава во документот.
На истата седница, европратениците со 457 гласови „за“, 103 „против“ и 72 „воздржани“ го усвоија и Извештајот за поларизација и зголемена репресија во Србија, една година по трагедијата во Нови Сад, во кој се оценува дека српските власти прибегнале кон насилство против политичките противници и употребиле прекумерна сила против демонстрантите низ целата земја, како и дека репресијата ескалирала од почетокот на годината.