Изведена првата трансплантација на лице во светот од донор

Болница во Барселона изведе прва трансплантација на лице во светот од донор пред асистирана смрт – медицински и етички преседан.

Болница во Барселона соопшти дека извршила револуционерна трансплантација на лице, прва од ваков вид во светот, во која донаторката доброволно го донирала своето лице пред да биде подложена на асистирана смрт, објави агенцијата Ројтерс.

Сложениот медицински зафат бил изведен во реномираната болница Vall d’Hebron во текот на есента 2025 година, но точниот датум не е објавен со цел заштита на приватноста на инволвираните лица.

Нова шанса за живот

Пациентката, која во јавноста е претставена само како Карме, боледувала од тешка некроза на ткивото на лицето, предизвикана од бактериска инфекција по убод од инсект. Нејзината состојба сериозно ги нарушувала говорот, исхраната и видот.

На прес-конференција одржана во понеделникот, Карме изјави дека закрепнувањето се одвива многу добро.

„Кога дома ќе се погледнам во огледало, имам чувство дека повторно почнувам да личам на себе“, рече таа.

За вакви комплексни интервенции, како што истакнуваат лекарите, неопходно е донорот и примателот да бидат од ист пол, иста крвна група и со слична големина на главата.

Исклучително сложена операција и хумана одлука

Операцијата опфатила трансплантација на сложено ткиво од централниот дел на лицето, а во неа учествувале околу 100 медицински експерти, меѓу кои и психијатри и имунолози.

Координаторката за трансплантации во болницата, Елизабет Навас, изјави дека донаторката покажала „зрелост што остава без зборови“.

„Фактот дека личност која донела одлука да го заврши својот живот, една од своите последни желби ја посветува на целосен странец и му подарува нова шанса за живот, е навистина неверојатен“, рече Навас.

Шпанија – светски лидер во трансплантациите

Шпанија, со население од околу 49,4 милиони жители, веќе повеќе од три децении е глобален лидер во трансплантацијата на органи. Во 2021 година таа стана и четвртата земја во Европската Унија што ја легализираше еутаназијата.

Според официјални владини податоци, во 2024 година 426 лица во Шпанија добиле медицинска помош при умирање.

Половина од шесте трансплантации на лице досега изведени во Шпанија ги реализирал токму медицинскиот тим на болницата Vall d’Hebron, која во 2010 година ја изведе и првата целосна трансплантација на лице во светот.

Минатата година во Шпанија биле извршени околу 6.300 трансплантации на органи, при што најчести биле трансплантациите на бубрег, покажуваат податоците на Министерството за здравство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни