Класичното дело на Шекспир „Ричард трети“ е негово прерпочитување, осоременување за да биде поблиско до денешната публика, нагласи модераторот Звонко Димоски при денешните разговори за претставата „Ричарт трети“ на Албанскиот театар која е во официјалната програма на МТФ „Војдан Чернодрински“ што се одржува во Прилеп.
„Претставата беше долга, комплексна, всушност, како што е и текстот на Шекспир. Се разбира, не беше едноставно да се следи истовремено и преводо. Честитки до целиот ансамл на Алнбански театар. Режисерот Бектеши овој класичен текст го направил со многу современи изрази, и некако филмски. Прашање е колку се инспирирал од филмот од 1955 година. Пренесувањето на „Ричард трети“ во денешно време во популистички, фашистички контескт, слично на филмот, беше голем предизвик и одлично дело поставено на театарската сцена“, рече Димоски.
Главниот актер Адем Карага, кој го презеде најголемиот товар на улогата, на сцена беше фасцинантен. Карага ги пренесе согледувањата за сценскиот израз.
„Секоја година сум на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ и ми е посебно задоволство. Работата на претставата беше напорна полни три месеци. Мене ми требаше време да се „одлепам“ од таа класика за да дојдам до денешново време. Шекспир е Шекспир. Режисерот имаше јасна визија. Неговата визија е да го донесе Шекспир во денешно време. Идејата беше да ја претставиме денешницата и каде таа нѐ води“, рече актерот Карага, кој го толкува ликот на Ричард Трети.
Карага одговори отворено како се спротивставил на физичката и психолошката тежина на ликот.
„Ние сите, како чисти битија доаѓаме на светов. Околностите нѐ прават зли. Ричард има физички мани, а конфликтот со околината го прави трагичен лик. Јас сочувствував со него“, одговори Карага.
И денеска на Македонскиот театарски фестивал продолжува богатата програма. Вечерва на репертоарот се три претстави – две во официјалната конкуренција и една од независната продукција.
Од 19 часот во големата сала од Центарот за култура „Марко Цепенков“ е претставата на Драмски театар од Скопје „Парови“, а од 22:30 часот на истата сцена пред публиката ќе се претстави домаќинот, Прилепскиот народен театар со претставата „Бура“.
Од 20 часот во прилепскиот кафе бар „Тротоар“ е независната претстава „Ла Макбет“ од „Хибрид продукција“ од Скопје.