Израелските сили нападнале палестински водни извори повеќе од 250 пати во последните пет години

Воените сили и израелските доселеници извршиле повеќе од 250 напади врз палестински водни извори во последните пет години – најинтензивната кампања против цивилната водна инфраструктура забележана во поново време, покажува ново истражување на американскиот тинк-тенк Pacific Institute од Калифорнија.

Меѓу користените методи на напад, според извештајот, биле бомби, кучиња, отров и тешка механизација, при што на најмалку 90 локации во појасот Газа и на окупираниот Западен Брег биле уништени или оштетени системи за пиење, наводнување и санитарни цели во периодот од јануари 2024 до средината на 2025 година.

Во февруари 2024 година, осум Палестинци биле убиени од снајперисти додека собирале вода во близина на болницата Насер во Газа. Во април истата година, израелски воздушни напади врз две училишта во Газа усмртиле и раниле стотина лица и уништиле соларна постројка за десалинизација, финансирана од Европската Унија.

Според податоците, околу 90% од водната и санитарната инфраструктура во Газа е уништена или недостапна, што довело до тешка хуманитарна и здравствена криза.

Специјалниот известувач на Обединетите нации за правото на вода и санитарии, Педро Арохо-Агудо, изјави дека уништувањето на водните извори и забраната за пристап претставуваат кршење на меѓународното право и „образец на однесување што се квалификува како воен злостор и злостор против човештвото, а во случајот со Газа – дел од геноцидна стратегија.“

„Израел систематски ја користи водата како средство за иселување и сегрегација на палестинското население, на териториите што незаконски ги окупира од 1967 година,“ додаде Арохо.

Во април годинава, израелски доселеници во селото Бардала уништиле цевководи за наводнување на палестински имоти, додека други го оштетиле главниот водовод во блиското село Хирбат.

Во јули, израелски напади врз дистрибутивен пункт за вода во бегалскиот камп Нусејрат усмртиле најмалку 10 Палестинци, меѓу кои и шест деца. Тој инцидент е дел од поширок тренд во кој повеќе од 1.000 Палестинци загинале обидувајќи се да дојдат до храна и вода.

Група експерти на ОН во истиот месец предупредија дека „Израел ја користи жедта како оружје за убивање на Палестинците“.

Институтот Pacific наведува дека на глобално ниво насилството поврзано со водата е во драматичен пораст. Во 2024 година се регистрирани 420 конфликти поврзани со вода, што е пораст од 20% во однос на 2023 година, а во првата половина од 2025 веќе над 160 инциденти.

Меѓу нив се вклучени напади врз брани, цевководи, постројки за третман на вода и наводнување, како и напади врз еколошки активисти и сајбер-напади врз водоводни системи во САД и Обединетото Кралство.

„Растечкото насилство околу водата покажува колку итно е потребно меѓународно дејствување,“ предупреди Питер Глик, коосновач на Pacific Institute. „Заштитата на цивилните системи за водоснабдување е од суштинско значење за спречување на понатамошна ескалација на конфликтите.“

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни