Израелски напади погодија повеќе локации во Газа, меѓу загинатите и девет деца

Најмалку 28 Палестинци загинаа вчера во израелските напади низ Појасот Газа, во најновиот бран насилство што избувна и покрај важечкото примирје меѓу Израел и Хамас

Израелските одбранбени сили (IDF) соопштија дека извеле удари врз цели на Хамас откако „неколку терористи“ пукале кон израелски војници кои делувале во Кан Јунис, на југот на Газа. Според IDF, акцијата претставува „кршење на договорот за прекин на огнот“, иако нема повредени израелски војници.

Хамас, пак, ги осуди нападите како „опасна ескалација“ и го отфрли извештајот на IDF, обвинувајќи го Израел дека се обидува да ги оправда „тековните злосторства и прекршувања“. Движењето ги повика САД итно да извршат „сериозен притисок“ врз Израел за да го почитува примирјето и да ја запре агресијата врз палестинскиот народ.

Овие удари следуваат само неколку дена откако Советот за безбедност на ОН го поддржа планот на американскиот претседател Доналд Трамп за транзиција од кревко примирје кон одржлив мир и обнова на разурнатата енклава.

Девет деца меѓу жртвите

Според здравствените власти во Газа, меѓу убиените се и девет деца, а најмалку 77 лица се повредени. Снимки на Си-Ен-Ен од болничкиот комплекс „Ал-Ахли Баптист“ прикажуваат потресни сцени – луѓе собраним околу возила на Брза помош што ги носат жртвите и тела поставени во вреќи внатре во болницата. Во една од вреќите, според снимките, се наоѓаат телата на три деца, сè уште покриени со прашина.

Најсмртоносниот напад вчера се случил во Зејтуна, источна Газа, каде биле убиени десет лица, меѓу кои жена и дете, соопшти Газиската цивилна заштита. Друг удар погодил подрачје западно од Кан Јунис, таргетирајќи „група цивили во центар на УНРВА“. УНРВА е Агенцијата на ОН за помош и работа со палестинските бегалци.

Трета голема ескалација од октомври

Нападите претставуваат трета значајна ескалација откако во октомври стапи во сила договорот за примирје. Секоја од нив следела по напад врз израелски војници. Во претходните две ескалации, на 19 и 28 октомври, биле убиени околу 150 Палестинци и тројца израелски војници. И покрај овие инциденти, примирјето генерално се одржува.

Израелската воена операција во Газа започна по нападите на 7 октомври 2023 година, кога милитанти предводени од Хамас убија околу 1.200 луѓе и киднапираа над 250 заложници. Оттогаш, според Министерството за здравство на Газа, загинале повеќе од 69.000 Палестинци, најголем дел од нив жени и деца.

Зголемени тензии и во Либан

Нападите во Газа следат ден по израелскиот удар врз палестински бегалски камп во Либан, во кој, според либанското Министерство за здравство, загинале 13 лица. Израел тврдеше дека целта била „камп за обука на Хамас“.

Во средата Израел изведе нови напади и во јужен Либан, таргетирајќи „неколку складишта за оружје“ на ракетните единици на Хезболах. Според првичните извештаи, нема загинати, но оштетени се повеќе куќи.

Израелските удари во Либан, насочени кон Хезболах и палестински вооружени групи, траат повеќе од две години и се интензивираа по поддршката што Хезболах му ја даде на Хамас по нападите од 7 октомври, и покрај примирјето меѓу Израел и Хезболах што е на сила од ноември 2024 година.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни