Израелски напад со дрон усмрти пет лица, меѓу кои и тројца деца, во јужнолибанскиот град Бинт Џбеил во неделата, соопшти Министерството за здравство на Либан.
Израел редовно ги гаѓа, како што наведува, позициите на Хезболах во јужен Либан, откако во ноември беше постигнато примирје со посредство на САД. Примирјето следеше по повеќе од една година судири, поттикнати од војната во Појасот Газа, пренесува Reuters.
Според државната новинска агенција на Либан, нападот погодил мотор и автомобил, при што уште две лица биле повредени.
Меѓу загинатите – татко со своите деца
Претседателот на либанскиот парламент, Набих Бери, изјави дека меѓу загинатите се татко и неговите тројца деца, а мајката е повредена. Тој додаде дека целото семејство поседувало американско државјанство.
Израел засега не даде официјален коментар за нападот
Реакција на либанскиот премиер
„Она што се случи е очигледен злостор против цивили и порака на заплашување до нашиот народ кој се враќа во своите села на југот“, напиша на мрежата X (поранешен Твитер) либанскиот премиер Наваф Салам.
Притисоци за разоружување на Хезболах
Либан е под силен притисок од САД, Саудиска Арабија и домашните политички противници на Хезболах, да ја разоружа таа група, која има поддршка од Иран.
Од Хезболах порачуваат дека секој обид за разоружување би бил сериозна грешка, сè додека Израел продолжува со воздушни напади врз Либан и ја држи под окупација делови од јужниот регион.