Според соопштението објавено синоќа на официјалниот канал на војската на Телеграм, цел на нападот бил „команден и контролен центар сместен во болницата Насер“ во градот Кан Јунис, на југот на палестинската територија.
„Високи претставници на Хамас продолжуваат да ја користат болницата за терористички активности, цинично и брутално злоупотребувајќи го цивилното население кое се наоѓа во и околу болницата“, се наведува во соопштението.
Засега нема официјални информации за евентуални жртви од нападот.
Нападот уследи откако вчера беше забележан прекин на воздушните напади, откако Хамас го ослободи Едан Александер – израелско-американски државјанин и единствениот заложник со американски пасош кој се уште беше жив. Тој беше киднапиран за време на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, додека служел во воена база на југот од Израел.
Ослободувањето на Александер се случи непосредно пред почетокот на турнејата на американскиот претседател Доналд Трамп низ Блискиот Исток.
Во нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, загинаа 1.218 луѓе на израелска страна, главно цивили, според податоците на агенцијата АФП.
Од друга страна, според Министерството за здравство на Хамас, во израелската офанзива досега загинале 52.862 лица во Појасот Газа, главно цивили. Овие податоци се сметаат за веродостојни и од Обединетите нации.