Израел ќе мобилизира 100.000 резервисти за офанзива во Газа

Планираната офанзива предвидува заземање на градот Газа на север и уништување на Хамас во бегалските кампови во централна Газа
Фото: X/@IDF

Израел ќе треба да мобилизира до 100.000 резервисти за проширената воена кампања во Појасот Газа, според плановите за распоредување објавени денеска од израелскиот весник „Једиот Ахронот“.

Весникот наведува дека плановите вчера ги одобрил началникот на Генералштабот на армијата, Ејал Замир. Планираната офанзива предвидува заземање на градот Газа на север и уништување на Хамас во бегалските кампови во централна Газа.

Во наредните денови ќе се одржат дополнителни консултации за конкретниот план на дејствување, а вклучените дивизии и бригади ќе бидат информирани, објави „Једиот Ахронот“. Според весникот, кампањата во градот Газа, особено во висококатните населби на запад и други северни делови на Појасот Газа, би можела да продолжи до 2026 година.

Минатата недела, Замир предупреди против целосно заземање на Појасот Газа, истакнувајќи го недостигот на персонал и исцрпеноста на распоредените војници. Тој, исто така, нагласи дека воена инвазија на градот Газа би ги загрозила животите на заложниците за кои се верува дека се држат таму.

Сепак, Безбедносниот кабинет ја отфрли загриженоста на Замир и го одобри планот предложен од премиерот Бенјамин Нетанјаху, предизвикувајќи остри критики дома и во странство.

Проширувањето на војната во Газа се очекува да ја влоши катастрофалната хуманитарна ситуација во блокираниот Појас. Градот Газа е најголемиот населен центар во северниот дел на територијата, дом на околу еден милион Палестинци, што е половина од вкупното население на Газа, потсетува ДПА.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни