Израел соопшти дека во недела повторно ќе го отвори граничниот премин Рафах меѓу Појасот Газа и Египет, кој беше затворен речиси две години, но исклучиво за, како што наведуваат израелските власти, „ограничено движење на луѓе“.
Како што информираше COGAT телото на израелското Министерство за одбрана задолжено за цивилни прашања на палестинските територии преминот ќе биде отворен во координација со Египет, а секое движење ќе биде предмет на претходни безбедносни проверки од страна на Израел.
Преминот Рафах претставува клучна влезна точка за хуманитарна помош во Газа, каде околу два милиона раселени Палестинци се соочуваат со сериозен недостиг од храна, засолништа и лекови. Отворањето на преминот е предвидено во втората фаза од договорот за прекин на огнот, посредуван од Соединетите Американски Држави, со цел запирање на војната меѓу Израел и Хамас, иако точниот временски распоред никогаш не беше јасно дефиниран.
Првата фаза од договорот формално заврши претходно оваа недела, по враќањето на посмртните останки на последниот израелски заробеник од Газа. По тој повод, Хамас повика Израел целосно да ги спроведе сите одредби од примирјето, „особено отворањето на преминот Рафах во двата правци, без ограничувања“.
Израел, сепак, најави дека ќе ја задржи целосната контрола врз преминот. Во соопштението на COGAT се наведува дека влезот и излезот од Газа преку Рафах ќе биде дозволен само во координација со Египет, по претходно безбедносно одобрување од Израел и под надзор на мисија на Европската унија, според механизам сличен на оној од јануари 2025 година.
Враќањето на жителите од Египет во Газа ќе биде дозволено исклучиво за лица кои ја напуштиле Газа за време на војната, и тоа само по израелска безбедносна проверка. Дополнително, ќе се применува и посебна постапка за идентификација во коридор под контрола на израелската армија.
Иако израелските сили формално се повлекоа зад таканаречената „жолта линија“ предвидена со договорот за прекин на огнот, преминот Рафах се наоѓа во област која и понатаму е под израелска контрола. Израелската војска и натаму држи повеќе од половина од територијата на Газа, а воените операции и воздушните напади продолжиле и по стапувањето на примирјето на сила.
Хамас и денеска повторно повика на итно отворање на преминот и „непосреден премин кон втората фаза“ од примирјето, која предвидува и влез на новоформиран технократски палестински комитет за управување со територијата.
Затворањето на Рафах дополнително го ограничи дотокот на хуманитарна помош во момент кога населението во Газа се соочува со тешки зимски услови. Обединетите нации и бројни меѓународни организации повеќепати апелираа до Израел да овозможи непречено функционирање на преминот, предупредувајќи на катастрофална хуманитарна состојба.
Според податоците на Министерството за здравство во Газа, од стапувањето на примирјето на сила, во израелските напади загинале повеќе од 490 лица. Од почетокот на израелската офанзива на 7 октомври 2023 година, бројот на убиени во Газа надминал 71.600.
Извор -Al Jazeera
