Израел тврди дека го ликвидирал шефот на штабот на Хезболах во напад врз Бејрут

Израелската војска соопшти дека во нов воздушен напад врз станбена зграда во јужните предградија на Бејрут е убиен Хајтам Али Табатабаји, опишан како „шеф на штабот“ и „највисок командант“ на Хезболах.

Во соопштението на израелската армија се наведува дека е „елиминиран терористот Хајтам Али Табатабаји, шеф на штабот на Хезболах“, при што тој бил опишан како „клучен оперативец и ветеран“ на проиранското движење кое има значајно влијание во Либан.

Според податоците на либанското Министерство за здравство, во нападот – кој Израел претходно го најави – загинале најмалку пет лица.

Табатабаји се наоѓал на американската листа на лица поврзани со тероризам. Според Вашингтон, тој бил шеф на операциите на Хезболах во Сирија и Јемен, пред да биде унапреден по едногодишниот конфликт со Израел кој заврши со примирје во ноември 2024 година.

„Удривме врз највисокиот командант на Хезболах. Нападот беше насочен кон спречување на организацијата да продолжи да се зајакнува, и нанесовме прецизен удар на сите кои сакаат да го нападнат Израел“, изјави началникот на израелската војска Ејал Замир.

Во последните недели Израел ги засили нападите, особено на југот на Либан, тврдејќи дека ги таргетира силите на Хезболах кои уживаат поддршка од Иран, со цел да се спречи нивно повторно вооружување и кршење на примирјето.

Либанските власти го обвинуваат Израел дека го нарушува прекинот на огнот со постојани напади и со продолжена окупација на пет стратешки позиции на југот на земјата.

Според Министерството за здравство на Либан, од постигнувањето на примирјето досега се убиени над 330 лица, а 945 се ранети во Либан.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни