„Денес, Израел го олесни влезот на камиони со храна за бебиња во Газа. Во наредните денови, Израел ќе го олесни влезот на десетици камиони со помош“, изјави Деден Бар-Тал, генерален директор на израелското Министерство за надворешни работи, на прес-конференција во Ерусалим.
На новинарско прашање колку камиони досега влегле, портпаролот на министерството одговорил дека ќе мора да провери со „Когат“ – израелското тело при Министерството за одбрана кое ги надгледува цивилните операции во Газа и на окупираниот Западен Брег.
Тој додаде дека планот е во следните денови да се испратат значителен број камиони со хуманитарна помош.
Во изминатите недели, агенциите на Обединетите нации и меѓународни невладини организации кои работат во Газа алармираат за акутен недостиг од основни средства за преживување – храна, вода за пиење, гориво и лекови – во палестинската територија која е во воена состојба повеќе од 19 месеци.
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денес предупреди на сериозниот ризик од глад во Појасот Газа, каде, според неговите зборови, „два милиони луѓе веќе гладуваат“.
Под растечки меѓународен притисок заради блокадата што доведува до хуманитарна катастрофа во Газа, Израел во неделата најави дека ќе дозволи ограничено продолжување на испораките на помош – паралелно со подготовките за нови, засилени копнени операции на терен.
Одлуката да се дозволи влез на хуманитарна помош – првпат по повеќе од два месеци, откако Израел ја воведе блокадата на 2 март – израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја нарече „тешка, но неопходна“.
Извор: N1info.rs