Израелската армија соопшти дека во текот на ноќта извела напади врз објекти за производство на балистички ракети и системи за противвоздушна одбрана во Иран, при што, според нивните тврдења, биле погодени воени и производствени капацитети во Техеран и на други локации.
Според соопштението, главна цел на нападите биле капацитетите поврзани со балистички ракети. Израел тврди дека во западен Иран погодил и лансирни системи и складишта за ракети, кои, како што наведува, претставуваат закана за државата.
Во објава на платформата Икс, ИДФ соопшти и дека извршила удар врз објект во Јазд, кој го опиша како главен капацитет на иранскиот режим за производство на ракети и морски мини.
„Локацијата се користела за планирање, развој, склопување и складирање напредни ракети наменети за лансирање од крстосувачки платформи, подморници и хеликоптери кон мобилни и стационарни поморски цели“, се вели во објавата.
ИДФ претходно соопшти и дека регистрирала ирански ракети лансирани кон Израел и дека работи на нивно пресретнување.
Во меѓувреме, медиумите пренесуваат дека иранските спасувачи и пожарникари трагаат по луѓе заробени под урнатините по воздушните напади врз Техеран, а интервенираат и во Ком, каде што, според претходни извештаи, загинале шест лица.
Спасувачките екипи со недели работат во тешки услови по нападите врз повеќе ирански градови. Меѓународната федерација на друштвата на Црвениот крст и Црвената полумесечина претходно соопшти дека иранските тимови бараат преживеани и обезбедуваат итна помош во погодените подрачја.