Израелската војска соопшти дека по грешка погодила камион на Обединетите нации во Појасот Газа, во инцидент што се случил за време на поморска одбранбена операција.
Според соопштението на израелската армија, „елемент од огнен систем“ испукан од морнарицата отстапил од планираната траекторија и го погодил камионот со гориво кој припаѓал на агенција на ОН.
Од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (UNOPS), која го надгледува снабдувањето со гориво во Газа, соопштија дека празниот камион бил погоден во четвртокот околу 5 часот наутро од правец на морето.
Во инцидентот нема повредени лица, но камионот претрпел оштетувања.
Извршниот директор на UNOPS, Хорхе Мореира да Силва, повика на целосна истрага за случувањето.
„Нашите тимови секојдневно преземаат огромни ризици за да ги одржат хуманитарните операции и услугите што спасуваат животи. Тие не треба да работат под оган“, изјави тој.
Од израелската војска соопштија дека камионот претрпел „мали оштетувања“, додавајќи дека инцидентот бил разгледан и дека од него биле извлечени соодветни поуки.
Армијата не прецизираше каков вид муниција бил употребен ниту која била првичната цел на нападот.
Од ОН информираа дека камионот се движел кон граничниот премин Керем Шалом и дека неговото движење претходно било координирано со израелските власти.