Израел ослободи десетици здравствени работници, над 100 сè уште во затвор

Во рамки на примирјето, Израел ослободи десетици медицинари уапсени во Газа. Над 100 остануваат во затвор, вклучувајќи го и д-р Хосам Абу Сафија, директор на болница под опсада.

Во рамки на примирјето во Појасот Газа, Израел ослободи десетици лекари, медицински сестри, болничари и друго медицинско лице кое било уапсено за време на нападите врз болници. Сепак, повеќе од 100 здравствени работници сè уште се наоѓаат во израелски затвори, меѓу кои и д-р Хосам Абу Сафија – директорот на болницата „Камал Адван“ во северна Газа, кој стана симбол на борбата за продолжување со лекување на пациенти под опсада и бомбардирање.

И покрај бројните апели за негово ослободување, Абу Сафија не беше меѓу стотиците палестински затвореници и приведени кои беа пуштени во понеделникот во замена за 20 заложници што ги држи Хамас. Тој се наоѓа во израелски притвор речиси 10 месеци – без подигнување обвинение.

Според организацијата Health Workers Watch, која документира апсења на медицински персонал во Газа, на листата за ослободување во понеделник биле 55 здравствени работници – вклучувајќи 31 лекар и медицинска сестра – иако не е потврдено дека сите биле ослободени. Истата организација наведува дека најмалку 115 медицинари и натаму се наоѓаат во затвор, додека останките од четворица кои починале во притвор сè уште не се вратени. Организациите за човекови права и сведоци пријавуваат чести случаи на малтретирање во израелските затвори.

Меѓу ослободените е и д-р Ахмед Мухана, директор на болницата ал-Авда, кој беше дочекан со аплаузи и возбудени прегратки од колегите. Тој беше во притвор околу 22 месеци, откако беше уапсен за време на рација во болницата кон крајот на 2023 година.

„Болницата ал-Авда ќе биде обновена. Нашиот персонал ќе ја изгради повторно со свои раце. Горди сме на тоа што го направивме, и на тоа што допрва ќе го направиме“, изјави Мухана, видливо ослабен по долгиот престој во затвор, според снимки објавени на социјалните мрежи.

Болницата ал-Авда, која беше оштетена во неколку израелски офанзиви и речиси целосно уништена во бегалскиот камп Џабалија, е затворена од мај, кога персоналот беше принуден да ја евакуира за време на најновата воена акција, пишува Guardian.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни