Израел одговорен за најголемиот број убиени новинари во светот, предупредуваат „Репортери без граници“

Организацијата „Репортери без граници“ (RSF) во својот годишен извештај соопшти дека Израел е одговорен за речиси половина од сите новинари убиени ширум светот во 2025 година.

Според податоците, израелските сили во Појасот Газа усмртиле 29 палестински новинари, што претставува 43 проценти од вкупниот број загинати медиумски работници оваа година. Така, Израел и официјално се наметнува како најголема закана за новинарите во изминатите 12 месеци.

Извештајот, кој ги документира убиствата од декември 2024 до декември 2025 година, покажува дека вкупно 67 новинари го загубиле животот додека ја извршувале својата професија, еден повеќе отколку претходната година. Меѓу нападите што ја одбележаа оваа мрачна статистика се издвојува „двојниот“ удар врз болница во јужна Газа на 25 август, кога загинаа пет новинари, меѓу кои и двајца соработници на светските агенции Reuters и Associated Press.

Од почетокот на непријателствата во Газа во октомври 2023 година, според RSF, речиси 220 новинари го загубиле животот. Тоа ја задржува земјата на врвот на светската листа на најсмртоносни места за новинарите трета година по ред. Во меѓувреме, странските новинари и понатаму немаат слободен пристап до Газа, освен преку строго контролирани тури организирани од израелската војска, и покрај меѓународните апели за транспарентност и пристап на медиумите.

Годината била особено опасна и во други региони. Мексико ја бележи најсмртоносната година за новинарите во последните три години, со девет убиени медиумски работници, иако новата претседателка Клаудија Шејнбаум вети дека нивната безбедност ќе биде приоритет. Украина, разорена од војната, и понатаму е меѓу најопасните точки со три убиени новинари, додека четири новинари загинале во Судан, земја која се соочува со продлабочена политичка и хуманитарна криза.

Иако бројките остануваат високи, RSF потсетува дека ситуацијата и натаму е нешто подобра отколку во 2012 година, кога беа регистрирани рекордни 142 убиства, претежно поврзани со сирискиот конфликт. Сепак, меѓународната организација предупредува дека трендот на притисок врз новинарите продолжува. Заклучно со 1 декември 2025 година, низ светот се притворени 503 новинари, најмногу во Кина, Русија и Мјанмар, земји кои и понатаму користат затворање и репресија како алатки за ограничување на слободата на информирањето.

Извештајот на „Репортери без граници“ повторно потсетува дека новинарите се меѓу најранливите учесници во конфликтите и општествените кризи, и дека нивната безбедност, слобода и работа се директно поврзани со правото на јавноста да знае.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни