Израел: Никогаш нема целосно да ги повлечеме трупите од Газа, порача министерот за одбрана

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Израел никогаш целосно нема да ги повлече своите сили од Појасот Газа и најави трајна безбедносна зона.

Израел никогаш нема да ги повлече сите свои трупи од Појасот Газа, изјави денес израелскиот министер за одбрана Израел Кац.

„Израел никогаш нема целосно да се повлече од Газа. Во рамките на Појасот ќе постои значајна безбедносна зона“, рече Кац на конференција организирана од весникот Мakor Rishon, кој ги поддржува доселениците. Тој додаде дека тоа ќе остане така дури и во случај да се премине во втората фаза од мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп и доколку Хамас биде разоружан.

Безбедносната зона би се протегала внатре во Појасот Газа, а во северниот дел од крајбрежната област би можеле да се формираат израелски доселенички јадра, кои би ја штителе таа безбедносна зона.

„Само во автомобил возам наназад“

Кац, кој е член на десничарската партија Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху, со оваа изјава повторно се спротивстави на делови од мировниот план на Доналд Трамп, кој предвидува постепено повлекување на сите израелски трупи од Појасот Газа.

Иако по критиките за слични изјави дадени пред два дена се чинеше дека Кац се повлекува од тие ставови, тој денес на конференцијата тоа го демантираше.

„Само во автомобил возам наназад“, порача Кац.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни