Израелската армија соопшти дека утрото на 7 март извршила нов бран воздушни напади врз Техеран, користејќи околу 80 борбени авиони.
Израелските сили наведуваат дека цел на нападите биле „ирански воени објекти, рампи за лансирање ракети и други воени цели низ Техеран“ во главниот град и во централниот дел на Иран.
Според извештаи од Иран, силни експлозии биле регистрирани во близина на населбата Екбатан и околината на аеродромот Мехрабад во Техеран. Воздушен напад бил пријавен и во Дистрикт 16 во Назиабад, јужен дел од градот.
Нападите доаѓаат во време на ескалација на конфликтот на Блискиот Исток, каде што во последните денови се интензивираат воздушните операции.
Во меѓувреме, американски претставници изјавија дека Русија му доставува разузнавачки информации на Иран кои се користат за таргетирање американски трупи и воени позиции во регионот.
Иранското раководство претходно беше сериозно погодено кога минатата недела, во серија американско-израелски воздушни напади, загинаа врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи и повеќе високи ирански функционери. Нападите врз Техеран и други делови од земјата продолжуваат и во последните денови.