Израел планира уште најмалку три недели воена кампања против Иран, изјави портпаролот на израелската армија Ефи Дефрин во интервју за CNN.
„Пред нас има уште илјадници цели. Подготвени сме, во координација со нашите американски сојузници, за планови барем до еврејскиот празник Пасха, што е приближно три недели од денес. Имаме и поголеми планови кои можат да продолжат и три недели по тоа“, изјави тој.
Пасха, еден од најважните празници во еврејскиот верски календар, оваа година започнува на 1 април навечер. Празникот го одбележува ослободувањето на Евреите од египетското ропство пред илјадници години.
Над 400 воздушни напади
Според израелската армија, од почетокот на обновените непријателства на 28 февруари, израелските воздухопловни сили извршиле повеќе од 400 серии воздушни напади врз иранска инфраструктура.
Целта на кампањата, според Дефрин, е сериозно ослабување на иранскиот режим.
„Не работиме со штоперица или според фиксна временска рамка. Работиме додека не ги постигнеме нашите цели“, изјави бригадниот генерал.
Вклучување на Хезболах во конфликтот
Дефрин зборуваше и за новите судири во јужниот дел на Либан, каде се вклучи и проиранската милиција Хезболах.
Според него, во претходниот краток конфликт минатата година оваа групација одлучила да остане надвор од борбите, бидејќи проценила дека станува збор за ограничена операција.
„Тогаш разбраа дека станува збор за ограничена кампања против Иран и не напаѓаа. Сега, кога ситуацијата ескалираше, се приклучуваат“, изјави тој.