Израел му дал рок на Хамас до крајот на денот за враќање на телата на сите заложници

Израел бара Хамас да ги врати телата на сите 28 убиени заложници до крајот на денот, според мировниот договор. Досега се вратени само четири тела, а посредниците предупредуваат на сериозни предизвици и можна одложена постапка.

Според пишувањето на Guardian, Израел го поставил крајот на вторникот како рок за напредок во враќањето на телата на убиените заложници што се во рацете на Хамас. Предавањето на 28 тела беше дел од договорот што овозможи прекин на огнот во Газа, но досега се вратени само четири тела.

Посредниците веруваат дека Хамас има потешкотии да ги пронајде сите загинати, но, според извештајот на израелскиот јавен сервис „Кан“, израелската влада смета дека групата намерно задржува дел од телата.

Во понеделникот, Хамас ги ослободи последните 20 живи заложници киднапирани на 7 октомври 2023 година, додека Израел, во рамки на 20-точковиот мировен план на Доналд Трамп, ослободи речиси 2.000 палестински затвореници и притворени лица.

Израелскиот министер за одбрана, Исраел Кац, изјави дека невраќањето на телата би претставувало кршење на договорот, што ќе има последици.

Семејствата на убиените заложници повикаа на единство и солидарност, предупредувајќи дека нивното страдање сè уште не е завршено.

Јаел Адар, мајка на Тамир Адар (38), чието тело било однесено од кибуцот Нир Оз за време на нападот на Хамас на 7 октомври, го опиша невраќањето на телата како „кршење на мировниот договор“.

„Борбата не е завршена сè додека не се врати и последниот заложник“, изјави таа.

Израелскиот форум на семејствата на заложници и исчезнати лица соопшти дека одбивањето на Хамас да ги предаде сите тела „мора да биде проследено со сериозен одговор“.

Арапски дипломат од една од земјите посредници изјави за израелскиот весник „Хаарец“ дека посредниците работат на решение и не веруваат дека мировниот договор за Газа е загрозен.

Меѓународниот комитет на Црвениот крст (ICRC) соопшти дека враќањето на посмртните останки на заложниците во Газа ќе потрае, нарекувајќи го тоа „огромен предизвик“ поради потешкотиите во пронаоѓањето на телата под урнатините.

„Тоа е уште поголем предизвик од ослободувањето на живи луѓе. Огромен предизвик“, рече портпаролот на ICRC, Кристијан Кардон.

„Сметаме дека постои јасен ризик дека процесот ќе потрае многу подолго. Нашата порака до страните е дека ова треба да биде нивен апсолутен приоритет“, додаде тој.

Кардон изјави дека процесот може да трае денови или недели, и дека постои можност некои тела никогаш да не бидат пронајдени. Хамас веќе ги известил посредниците дека не знае што се случило со двајца од 28-те заложници кои сè уште се водат како исчезнати.

Досега, Хамас предал четири ковчези, кои биле пренесени во Институтот за судска медицина Абу Кабир во Тел Авив за идентификација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни