Израел вчера вечер извршил напад во Техеран во кој, според израелски извор, цел бил Али Лариџани – претседател на Врховниот совет за национална безбедност на Иран. Засега не е познато дали тој е убиен, а израелската војска сè уште чека проценка на штетата, пренесува CNN.
Началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили, генерал-полковник Ејал Замир, изјави дека Израел постигнал „значајни резултати“ во нападите извршени во Иран.
Израелската армија во понеделникот вечерта изведе серија координирани напади врз повеќе градови, меѓу кои Техеран, Шираз и Табриз. Во официјалното соопштение не се споменува Лариџани како цел, туку се наведуваат објекти за производство на ракети и командни центри.
„Продолжуваме да ги нарушуваме воените способности и индустриските капацитети, како и да делуваме против структури на Револуционерната гарда и репресивниот апарат“, изјави Замир.
Истиот извор за CNN открил дека Израел неодамна извел и посебен напад насочен кон високи претставници на Палестинскиот исламски џихад, група поддржана од Иран.
Али Лариџани важи за еден од највлијателните ирански политичари во последните децении. Тој моментално го предводи телото што ги координира клучните одлуки поврзани со одбраната, нуклеарната програма и надворешната политика. Претходно беше претседател на парламентот, министер за култура и главен преговарач во нуклеарните разговори со Западот.
Доколку се потврди дека Лариџани бил мета или жртва на нападот, тоа би претставувало сериозен удар за иранското политичко и безбедносно раководство, во време на зголемени тензии во регионот.