Ситуацијата на Блискиот Исток драматично ескалира откако Израел изведе еден од најжестоките напади врз Либан од почетокот на конфликтот, додека Иран се заканува со повлекување од примирјето и можно ново затворање на Ормуски теснец.
Израелските сили извршија масовни воздушни удари, вклучително и врз главниот град Бејрут, при што за само десет минути биле погодени повеќе од 100 цели, дел од нив во густо населени области. Според либанските власти, десетици лица загинале, а стотици се повредени, додека болниците се преоптоварени со повредени, а спасувачките тимови трагаат по преживеани под урнатините.
Новинари од теренот ја опишуваат ситуацијата како апокалиптична, со постојан прилив на ранети и огромни материјални разурнувања. Примирјето што претходно беше постигнато меѓу САД и Иран сега е на раб на распад, откако Техеран предупреди дека ќе се повлече доколку продолжат нападите врз Либан.
Иранските медиуми тврдат дека договорот опфаќа прекин на борбите на сите фронтови, вклучително и во Либан, додека Израел смета дека тој не се однесува на неговите операции против Хезболах. Дополнителна загриженост предизвикуваат информациите за нов прекин на поморскиот сообраќај низ Ормуски теснец, една од најважните глобални рути за транспорт на нафта, што според ирански извори е директен одговор на нападите.
Иако цените на нафтата моментално се стабилизираат по најавите за примирје, секое ново затворање на овој стратешки премин би можело да предизвика нагол раст на цените и нова нестабилност на глобалните пазари.
Во меѓувреме, израелските власти најавуваат продолжување на нападите врз Хезболах, со цел слабеење на неговите капацитети, додека од Либан се упатуваат апели до меѓународната заедница за итно запирање на нападите. Западните земји ги повикаа сите страни да го почитуваат примирјето и да започнат итни преговори за да се спречи натамошна ескалација на конфликтот.