Јеменскиот главен град Сана денес беше погоден од израелски воздушни напади, објави телевизиската станица „Ал Масира“ контролирана од Хутите, два дена откако Хутите испукаа ракета кон Израел.
Жителите на Сана изјавија дека нападите биле насочени кон области во близина на претседателскиот комплекс, ракетни бази и електрани. Израелската војска го потврди нападот и изјави дека целите во Сана вклучуваат воен комплекс во кој се наоѓа претседателската палата, две електрани и складиште за гориво.
Хутите претходно изјавија дека испалиле балистичка ракета кон Израел. Претставник на израелските воздухопловни сили денес изјави дека ракетата веројатно носела неколку помали боеви глави „дизајнирани да детонираат при удар“. „Ова е прв пат ваков тип ракета да биде лансирана од Јемен“, рече претставникот.
Хутите напаѓаат бродови во Црвеното Море од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Газа
Откако започна израелската војна во Газа против палестинската милитантна група Хамас во октомври 2023 година, Хутите, сојузнички на Иран, почнаа да напаѓаат бродови во Црвеното Море, во она што го опишаа како акти на солидарност со Палестинците.
Тие често испукуваа ракети кон Израел, од кои повеќето беа пресретнати. Израел одговори со напади врз областите под контрола на Хутите, вклучувајќи го и клучното пристаниште Ходеида.