Израел ги засилува чекорите кон анексија на Западниот Брег: Одобрена купопродажба на спорни земјишта

Израел одобри нови мерки за регистрација и купување земјиште на Западниот Брег, што Палестинците го оценуваат како „де факто анексија“.

Израелскиот кабинет одобри нови мерки со кои дополнително се зацврстува израелската контрола врз окупираниот Западен Брег и им се олеснува на доселениците купување земјиште потег што палестинските власти го оценија како „де факто анексија“.

Западниот Брег е територија што Палестинците ја сметаат за дел од идната независна држава. Поголемиот дел од областа е под контрола на израелската војска, додека во одредени зони управува Палестинската самоуправа, поддржана од Западот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој годинава се соочува со избори, во повеќе наврати изјави дека формирањето палестинска држава претставува безбедносна закана за Израел. Неговата десничарска коалиција вклучува партии и министри кои отворено се залагаат за анексија на Западниот Брег – територија освоена во војната од 1967 година.

Министрите изгласале започнување процес на регистрација на земјиште, првпат од 1967 година наваму. Овој чекор следува по серија мерки донесени претходната недела, кои предизвикаа меѓународни критики.

Министерот за финансии Безалел Смотрич изјави дека се продолжува со „револуцијата на населување“, додека министерот за одбрана Израел Кац оцени дека регистрацијата на земјиштето е витална безбедносна мерка. Владата соопшти дека станува збор за одговор на „нелегални процеси на регистрација“ што ги спроведува Палестинската самоуправа.

Од друга страна, палестинското претседателство остро го осуди потегот, наведувајќи дека станува збор за почеток на планови за формализирање на анексијата преку проширување на населбите.

Израелската организација Peace Now предупреди дека мерката може да доведе до експропријација на Палестинци од значителен дел од Западниот Брег.

Во 2024 година, највисокиот суд на Обединетите нации во необврзувачко советодавно мислење оцени дека израелската окупација и населбите на палестинските територии се нелегални и треба да бидат прекинати што е можно побрзо, став со кој Израел не се согласува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни