Измамникот користел лажни фотографии генерирани од вештачка интелигенција и романтични пораки за да ја добие довербата на своите жртви, меѓу кои била и 53-годишната Ана, дизајнерка на ентериер од Франција, пишува британски „Сан“.
Ана му испратила големи суми пари на измамникот, верувајќи дека тој го финансира лекувањето на ракот на Пит.
Тој користел слики од холивудската ѕвезда во болнички кревет, како и лажни лекари кои ја информирале Ана за наводните критични здравствени проблеми.
Измамникот ѝ се претставил на Ана на Инстаграм во февруари 2023 година, испраќајќи ѝ порака во која тврди дека е мајка на Пит и дека нејзиниот син има потреба од „некој како Ана“.
Подоцна, тој почнал да и испраќа романтични пораки и ветувања за луксузни подароци.
Ана решила да се разведе, а после тоа почнала да испраќа големи суми пари за лекување. Измамникот тврдел дека не можел да ги користи своите сметки поради разводот со актерката Анџелина Џоли.
Кога Ана сфатила дека е измамена, тој продолжил со манипулациите, тврдејќи дека Пит бил во тајна врска со „специјална личност“ и се обидел да изнуди повеќе пари од неа, овој пат претставувајќи се како агент на ФБИ.
Иако случајот е пријавен и истрагата е во тек, организацијата „Find My Scammer“ откри дека истиот измамник сè уште користи лажни идентитети за да продолжи со своите измами, сега претставувајќи се како Кијану Ривс.