Повеќе од 15000 посетители ја виделе изложбата „Ткаење светови: колекции во разговор“, составена од уметнички дела од колекцијата на Музејот на современата уметност во Скопје, а која се отвори на 24 април 2025 година и траеше до 8 февруари 2026 година во Музејот на современа уметност Метелкова во Љубљана, информираат од МСУ.
Изложбата е конципирана од 87 автори и тоа најмногу од РС Македонија и од речиси сите поранешни југословенски републики (посебно во делот на наивната уметност), дополнети со дела од уметници од Бразил, Полска, Боливија, Судан, Уругвај, Албанија, Јапонија, Јужноафриканска Република, Иран, Куба, Шпанија и од Романија. Куратори на изложбата се: Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски од МСУ-Скопје и Бојана Пишкур од Љубљана.
Од љубљанскиот музеј велат дека, според бројките на посетители може слободно да се констатира дека имало силен интерес за изложбата. До крајот на изложбата објавени се неколку интервјуа на националните телевизии и локалните медиуми, направени се неколку работилници како и тура со кураторите на изложбата, тури со водич за повозрасни посетители како и тури наменети за сите возрасти.
Изложбата е резултат на конструктивен дијалог помеѓу специфични колекции – колекцијата на солидарноста на МСУ-Скопје и колекцијата „Артист 2000+“ како и националната колекција на Модерна галерија, Љубљана. Поставката ги истакнува само делата изработени од природни материјали, како и дела кои го одразуваат ангажманот на уметниците со природата. Таа се фокусира на еманципацијата на уметничките медиуми, истражувајќи го односот помеѓу културата и природата, додека критички се осврнува на горливите еколошки прашања од времето на Капиталоценот. Кураторите како појдовна точка го земаат антропоцентричното надвладување на природата под влијание на капиталистичките апетити кои ја искористиле природата речиси до последните капацитети.
Во „Ткаење светови: Колекции во разговор“ се застапени дела од македонските уметници: Борка Аврамова, Владимир Аврамчев, Македонка Андонова, Томе Андреевски, Ибрахим Беди, Гордана Вренцоска, Јордан Грабул, Евгенија Демниевска, Драгослава Јанева, Војко Јаневски, Гоце Јосифов – Ромбо, Ристо Калчевски, Димитар Кондовски, Димче Коцо, Михаил Лазаров, Доне Милјановски, Душко Мишевски, Вангел Наумовски, Петре Николоски, Аџем Нихат, Душан Перчинков, Раде Перчуклиевски, Илија Прокопиев, Кристина Пулејкова, Исмет Рамиќевиќ, Крсте Славковски, Мира Спировска, Мена Спировска-Менче, Глигор Стефанов, Душко Стојановски, Игор Тошевски, Марија Туша Иљовска, Симон Узуновски, Петар Хаџи Бошков, Ѓорѓи Цапев, Симон Шемов, Томо Шијак и Ѓорѓе Шијаковиќ, словенечките Јернеј Вилфан, Дружината од Шемпас, Маја Смрекар, Вадим Фишкин, потоа Стјепан Басталец, Антун Бахунек, Фрањо Вујчец, Стјепан Кичин, Иван Кузмиак, Иван Лацковиќ-Кроата, Јулије Папиќ, Ханибал Салваро, Матија Скурјени, Петар Смајиќ, Иван Рабузин, Боривоје Максимовиќ, Стјепан Столник и Јосип Хорват од Хрватска, српските автори Јанко Брашиќ, Јано Вењарски, Oндреј Вењарски, Богосав Живковиќ, Милосав Јовановиќ, Јано Књазовиќ, Сеад Казанџиу од Албанија. Застапени се и Јоланта Овидска и Јузеф Сарновски од Полска, Јон Григореску од Романија, Маноло Милјарес од Шпанија, непознат автор од Иран, Вифредо Лам (Франција/Куба), Питер Кларк од Јужноафриканската Република, Мохамед Абдала Ахмед (Судан/Велика Британија), Ример Кардиљо од Уругвај, бразилските уметници Мариа Бономи, Валдемар де Андраде-Силва, Лухдес Гуанабара, Силвиа де Леон Чарлео, Ладир Харис Домше-Пулу, Луциа Кан, Мариа Осилијадора Силва, Жусара Пимента де Падуа, Еленос Силва, Педро Соарес Фогаса, Жералдо Триндаде Леал, Вилма Хамос, боливиските автори Макс Арукипа Чамби и Патриција Веласко Уалин и Јозо Хамагучи од Јапонија.
Проектот е во рамките на програмата од национален интерес на Министерството за култура и туризам на РС Македонија и конципирана е како реципроцитетна изложба. Во моментов во МСУ – Скопје е изложена интернационалната групна изложба со дела од колекциите на МГ+МСУМ, Љубљана и МСУ-Скопје „Истокот e сè уште можен“, која ќе трае до 29.03.2026 година.
