Тринаесет дела – керамики во изработка на Филип Фиданоски од денеска се изложени во галеријата на Градскиот музеј Крива Паланка. Изложбата „Пикасо, можеби јас” се реализира под покровителство и финансиска поддршка на Амбасадата на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, а е во организација на Jaсминка Намичева од Здужението за архитектура, дизајн и култура „Архифакт” – Скопје, во рамките на патувачката програма на проектот Музеум линк.
Изложени се 13 дела изработени во керамика, насликани со енгоба, глазура и 18-каратно злато за керамика и порцелан. Делата се тридимензионална интерпретација на неколку слики и малку познати скици и цртежи од Пабло Пикасо.

-Куратор на изложбата е Кирил Пенушлиски, кој во каталогот наведува: „Пикасо, можеби јас 2“ покажува дека уметноста е бесконечен процес на истражување и реинтерпретација и дека наследството на Пикасо продолжува да биде важен дел од општата уметничка приказна. Скулптурите на Фидановски нудат еден нов објектив преку кој се гледа делото на големиот мајстор, поттикнувајќи дискусии за еволуцијата на уметничкото изразување и реинтерпретација на историските наративи. Тие служат како мост помеѓу минатото и сегашноста, потсетувајќи не на трајното влијание на визијата на Пикасо, наведува Пенушлиски.
Филип Фидановски е поранешен претседател на ДЛУМ, со реализирани 28 самостојни и над 50 групни изложби. Професор е по предметот дизајн на керамика и технологија на керамика во уметничкото училиште во Скопје и е еден од основоположниците на Младинската керамичка работилница“.