Изложбата “Кадри на ранливост,, во КПЦ Јадро

Во петок на 7 ми јуни во КПЦ Центар Јадро , во 20:00 часот ќе биде отворена изложбата “Кадри на ранливост,, на Наташа Неделкова, Амир Карахасан и Миле Неделков.

Проектот се состои од истражувачки дел и колективна креација на аудио-визуелна инсталација која се фокусира на темата ментално здравје и афективни релации во современото информатичко и автоматизирано општество. Повикувајќи се на современите уметнички и теоретски студии на теми: инвалидитет, шизофренија, грижа и ранливост, проектот се бави со овие рамки на „попреченост“ со цел да пружи отпор кон нормативното дискриминирање на различностите.

Отфрлајќи ги стигматизирачките идеи околу психичките растројства и нивното континуирано маргинализирање, проектот има за цел активно да ги исцрта потребите на луѓето кои живеат со оваа дијагноза, да ги сподели нивните приказни и да ни помогне да изградиме поинклузивно општество. Психозата е фигурирана во визуелните уметности како состојба на постанување друг или другост, како можност за поинакво постоење од она кое е на дофат на нашите перцептивни органи. Фокусирајќи се на маргинизираните граѓани кои живеат со шизофренија, проектот ја истражува идејата на заедништво и солидарност која може да произлезе доколку гледаме на ова состојба како можност за генерирање на нови субјективитети. Ранливоста како трансформативна алатка поставува клучна можност за редефинирање на социјалното. Актуелниот социјален систем базиран на финансиски интереси одбива да прифати дека телото не е само алатка за создавање материјална вредност, туку и место на чувствување и на битисување. Животот со психичките растројства можеби е не толку компатибилен со продуцирање на профит, но негово визуелизирање би можело да ни помогне да ги прошириме флуидните границите на реалното и имагинарното, преку нивното константно преместување, кое до одредена мера го делиме сите. 

Проектот ги одсликува, односно проблематизира односите на јавните психијатриски институции со општеството, како и на брзото темпо на продукција во нео-либералниот капитализам, извор на широко распространетото чувство на анксиозност и депресија. Проектот се ангажира да ги потенцира потребите на граѓаните кои живеат со шизофренија, но заземаат мал простор во јавниот дискурс, односно се инвизибилизирани. Во денешното општество, каде седативите се синоним за спокој и душевен мир, поимот ментално здравје повикува на еден аналитички поглед кон социјалните и афективните релации, односно кон начините на создавање на нови форми на психолошко субјективно искуство. Информатичкото општество, каде безброј слики и звуци циркулираат на интернет, не’ вклучува во матриксот на социјалните мрежи, каде се гледаме себеси како нефрагментирано битие, со сопствена волја, моќ и автономија. Социјаното пак, кое е задскриено под сиве овие репрезентации, е нашата вродена инервација кон насоченост и интерес кон другиот. Всушност, идејата за менталното здравје може да се прецизира и рекалибрира доколку се земат во обзир фрагментираните состојби на психозата.  

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни