Изложбата „Почетоци“ на Гоце Илиевски ќе се отвори во вечерва, во 19 и 30 часот во галерија „Метаноја“.
„Со секоја боја и секој потег при цртањето Гоце Илиевски го толкува нашето космичко наследство: ѕвездената прашина чии состојки ги имаме во себеси, тајната на постоењето чии енигми постојано ги дешифрираме и конечната судбина, лична и колективна насреде огромната и нема вселена. Со изложбата ‘Почетоци’, Илиевски се нурнал во космогониите, од оние најдревните до футуристичките. Едно е сигурно, овој уметник е уверен дека вселената не е случајна. Дури и во највпечатливите уметничко-симболични прикази на еволуцијата на постоењето, еволутивниот развој на неживата и на живата материја има извор надвор од себеси“, вели рецензентот Коста Милков за претстојната изложба на која ќе се обрати.
Покрај него, збор на изложбата ќе земе и Нада Милкова, директорка на галеријата „Метаноја“.
„Илиевски е уметник од Скопје, кој твори во областа на традиционалните, современите и дигиталните форми на уметност. Завршил на ФЛУ (Факултет за ликовна уметност), отсек сликарство во 2010 година. Има реализирано 15 самостојни и земал учество во многубројни групни изложби во Македонија, Германија, Австрија, Исланд, Турција, Бугарија и Полска. Добитник е на повеќе награди за сликарство, акварел и фотографија од повеќе институции и држави.
Во 2011 му беше доделена наградата ‘Златна четка’ за сликарство од ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија), како и награди за GIF (дигитална слика во движење). Учествувал на повеќе резиденции, симпозиуми, работилнници за уметност и други активности, меѓу кои како поважни за неговиот развој како уметник се издвојуваат, уметничкиот престој во Нирнберг, Германија, резиденциите во Литванија, Латвија и престојот во Исланд. Од особено значење е филмот ‘Loving Vincent’, каде што работи како сликар и аниматор“, истакнуваат организаторите за уметникот.
„Почетоци“ ја организира галеријата „Метаноја“ во соработка со „Балканскиот институт за вера и култура“.