Во Куќата на Робевци во Охрид утревечер во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Антологија 3“. Ова е трета едиција на изложбата и е посветена на апстрактното сликарство и енформелот во Македонија и во бившите југословенски простори и претставува избор од најзначајните автори на овој правец, содржани во збирката на современа уметност во нашата институција.
– Апстрактната уметност на тлото на бившите југословенски простори во вистински смисла, се појавува после педесеттите години на 20 век и е морфолошки поделена на два вида сензибилитети, од една страна конструктивниот геометризам, геометриската апстракција, а од друга страна е акцијата и гестуалниот потез, односно апстрактниот експресионизам, лирската апстракција и енформелот – вели м-р Сашо Блажески.
Естетиката на апстрактниот експресионизам и лирската апстракција ќе го изменат перцептивниот однос кон предметите, а со тоа и самата психологија на создавањето на уметничкото дело, така што создавањето е сфатено како импулс на внатрешна енергија, односно како единство на гестот, знакот и акцијата. Од друга страна, енформелот како правец доаѓа малку подоцна, односно кон крајот на шеесеттите години на 20 век.
– Енформелот ја носи со себе естетиката на чиста љубов кон материјата,каде што делото ја напушта целосно смислата за боја, линија и гест и постанува исечок од една макро или микро природа – вели Блажески.