Иако Ворхол често велеше: „Ако сакате да знаете сè за мене, погледнете ја површината на моите слики и филмови − таму сум јас. Нема ништо зад тоа“, изложбата покажува дека зад неговиот препознатлив изглед – периката, очилата и ладната дистанца – се криел човек исполнет со несигурност, стравови и емотивна длабочина.

Кураторката на изложбата, професорката Жан Вејнрајт, која има повеќегодишно искуство со истражување на Ворхол и блиски односи со неговото семејство, користи ексклузивен пристап до над 2.000 аудио снимки што уметникот ги направил за време на неговиот живот. Таа открива дека Ворхол бил „мултидимензионален човек, полн со човечки особини – срамежливост, самосомнеж, анксиозност и грижа“.
Во изложбата се прикажуваат лични артефакти, досега необјавени фотографии, скици од почетокот на кариерата и семејни спомени. Особено емотивни се писмата што му ги испраќал на мајка му од патувањата, секогаш почнувајќи со „Добро сум“, како и снимките на кои неговата внука зборува за детските посети на Ворхол во Њујорк, кој, според неа, бил полн со слатки, играчки и хумор.

Изложбата исто така го обработува трауматичното искуство од атентатот врз Ворхол во 1968 година, од кој никогаш целосно не се опоравил – физички ниту ментално. Една скица од 1985 година го прикажува неговото опседнување со телото и болката, додека ретка фотографија од 1971 го прикажува замислен, денот кога дознал дека напаѓачката Валери Соланас излегла од затвор.
Покрај личните моменти, изложбата го прикажува и Ворхол како мајстор на создавање мит околу себе – човек кој свесно креирал јавна слика зад која можел да се скрие. Дури дозволувал друг да го претставува на јавни настани, како што било случајот со актерот Ален Миджет, кој го глумел Ворхол во јавноста во 1967 година.

Изложбата ќе биде отворена до крајот на летото и нуди редок поглед во животот на човекот зад славните слики од супа, Брио пакувања и поп ѕвезди. Како што вели Вејнрајт: „Сите мислат дека го знаат Енди Ворхол, но оваа приказна ја раскажува неговата вистинска човечка страна.“
Извор: BBC