Во рамките на 52. Мајски оперски вечери, во фоајето на Националната опера и балет, од 9 до 31 мај ќе биде поставена изложбата „Оперска одисеја“ – наследството на Милка Ефтимова. Изложбата ќе ја сочинуваат донирани лични предмети од движно материјално и нематеријално културно наследство, класифицирани во категоријата лични предмети како и голем број награди, признанија, уметнички портрети и фотографии кои во детали ја прикажуваат нејзината богата музичка кариера.
„Оперска одисеја“ е резултат на институционалната соработка помеѓу Музејoт на македонската борба за самостојност и Националната опера и балет. Автор на изложбата е Василија Чали, соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура.
Милка Ефтимова оперски и концертен уметник, алт и мецосопран певица, доајен на Македонската опера и амбасадор на македонската уметност и култура во светот, отпеала четириесет оперски улоги, многубројни партии во ораторијални дела и соло изведби. Таа повеќе од 1.200 пати застанала на оперската и концертната сцена, во дваесетина земји низ светот. Од оперската сцена јубилејно се простила со Кармен на 6 ноември 1991 година. Била редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, наставник на Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и Средното музичко училиште во Штип. Во нејзината богата оперска кариера одликувана е со наградите: „11 Октомври“ (1985), „Св.Климент Охридски“ (2001), „Мајка Тереза“ (2009), како и Орден за заслуги на Република Северна Македонија (2022).