На 1 август во 20 часот, во Куќата на Робевци во Охрид ќе се случи отворањето на самостојната изложба на ликовниот и визуелен уметник Сашо Блажес насловена “Нурни во мене“.
После самостојните излагања во Париз и Венеција минатата година како и во и Австрија и Италија минатите години, оваа година авторот се претставува со една исклучителна изложба која што дел беше претставена во Музеј на град Скопје а на 01 август ќе биде поставена во Куќата на Робевци во Охрид. Самостојната изложба го носи насловот ,,Нурни во мене’’,а куратор на изложбата е Маја Чанкуловска , виш кустос при Националната Галерија од Скопје. Критички осврт и текст за изложбата имаат напишано Камило Ракана , куратор од Париз и Маја Чанкуловска.
Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти во својата генерација. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано шестнаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Австрија, Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија. Негови дела се наоѓаат во приватни колекции во Норвешка, Франција, Германија ,Романија и Австрија.
Куќата на Робевци е еден од најзначајните музејски објекти во земјава, кој е заштитен како културно-историски споменик, која во 1959 е предадена за трајно користење на Народниот музеј – Охрид. Во 1996 е повторно ставена под заштита како вредно културно-историско градителско наследство со препознатливи карактеристики на охридската архитектура.