„Нингјо“ е насловена изложбата на јапонски кукли која вечерва во 19 часот ќе биде отворена во Археолошкиот музеј во Скопје со која ќе бидат одбележани 30 години од воспоставувањето на билатералните односи помеѓу Јапонија и Македонија. Нингјо значи „кукла“ или „човечки облик“ на јапонски јазик и културата за кукли која се негува низ годините во Јапонија ќе биде претставена со внимателно избрани 67 кукли поделени во 4 категории: „Нингјо за молитва на детскиот развој“, „Нингјо уметност“, „Нингјо фолклор“ и „Ширењето на нингјо културата“.
– Куклите се незаменлив дел од нашето секојдневие, но може да се каже дека разновидноста и деликатната ракотворба во комбинација со длабока љубов се карактеристични за куклите во јапонската култура. Оваа изложба ќе претстави сеопфатен вовед за јапонските кукли, од Каташиро и Амагацу, кои се сметаат за архетипови на јапонски кукли, до локални кукли кои ја рефлектираат климата и анегдотите од целата земја, како и кукли играчки од денешницата кои се ценети низ целиот свет – велат организаторите.
Изложбата ја организира Јапонската фондација, Археолошки музеј и Амбасадата на Јапонија со поддршка на Министерството за култура, а ќе биде отворена до 25 април.