Изложба на слики од Мирчо Матевски Рисимкин во „Мала станица“

Во Мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје утревечер во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Средба со историјата: една слика – една приказна“ на Мирчо Матевски Рисимкин.

Уште при првиот поглед на делата на Матевски Рисимкин се забележува неговата вљубеност во историјата. Уште од мал тој многу читал, растел со бајките и приказните. Сите негови дела се инспирирани од некој вистинит историски настан, јунак, личност, кои оставиле длабока трага во историјата. Трајко Матевски-Рисимкин, неговиот татко, бил главен инструктор за тепихарство во Македонија и работел во „Македонски фолклор“, така што своето детство Матевски Рисимкин го поминал покрај неговите шеми, нацрти и планови што ги подготвувал за изработка на теписи. Тајните на уметноста како да му биле предодредени во животот.

По завршувањето на Средното уметничко училиште, Матевски Рисимкин се запишал и дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на професорот Димитар Кондовски. Во текот на својот живот во два наврата ја напушта својата земја и се сели во Австралија со своето семејство, а во 2021 година повторно се враќа. Тој останува доследен на своето сликарство, а сепак, во исто време и го збогатува со елементи што ќе ги прифати од другите култури со кои поминал еден дел од својот живот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни