Изложба на Ивана Самандова во Мобилна галерија

Во Мобилна/Монтажна галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје, вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата Odd on the inside на Ивана Самандова. Преку изложбата таа ја истражува љубопитноста не само кон општото разбирање на функцијата на меморијата и нејзиното расплинето толкување на разновидни општествено-политички домени, туку нејзиното влијание од личниот аспект и како воспоставува динамична улога на обликување, изменување на мисловните насоки и теоријата на соматската меморија – сугестијата дека емоционални искуства од интензивен карактер исто така оставаат траги или мемории во и низ човековото тело преку телесни сензации – тензии.

– Тематиката на оваа изложба започнува од опсервацијата на личната состојба, навлегувајќи во преиспитување на несвесноста на мисловните насоки/процеси, како тие влијаат врз секојдневните одлуки, слободата и јазикот на умот и телото, како и пребродувањето на истите стеги – велат од Центар за современи уметности кои ја организираат изложбата.

Ивана Ќ. Самандова (1997, Скопје) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во 2020, на отсек сликарство, модул конзервација и реставрација. Нејзината уметничка практика се фокусира на процесите на набљудување и истражување на социо-политички проблематики, структури, однесување и интерконекции помеѓу специфични ситуации на една заедница или индивидуа. Често пати се обработуваат тематики на почувствуван, поттикнат интерес, подоцна пренесени преку интердисциплинарна уметничка практика која се состои од истражување на различни комбинирани и нови медиуми.

Изложбата е финасиски поддржана од Министерство за култура, а логистички поддржана од Општина Центар и Центарот за современи уметности.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни