Изложба на фотографии од некогашното Еврејско маало во Скопје

На платото пред Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, некогашно Еврејско маало, вечер од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Последниот татнеж во Еврејското маало – фотографски факти низ објективот на Рафаел Алтарас“.

Изложбата е организирана по повод одбележувањето 60 години од скопскиот земјотрес во Еврејското маало и 80 години од депортацијата на македонските Евреи. Се состои од 14 паноа на кои преку фотографии е претставен животот во Скопје и скопското Еврејско маало пред земјотресот, веднаш по катастрофата и почетоците на создавањето на модерно Скопје.

Жаклина Мучева, куратор на изложбата изјави дека прв пат Меморијалниот центар на Холокаустот се вклучува со настан по повод одбележување на катастрофалниот земјотрес во Скопје.

Жаклина Мучева

„Планот е да поканиме и од посетителите ако некој се сеќава нешто да каже, да сподели јавно. По отворањето на изложбата од посетителите ако има некој што живеел и останал по депортацијата во Еврејско маало, да сподели нешто ако памети од тие земјотресни денови.

Едно од паноата кое ќе биде изложено е посветено на жртвите, членови на Еврејската заедница кои се загинати во земјотресот. Објектите од ова маало биле во голем дел разурнати, останата е само Еврејската општина како зграда и таа е малку дотерана да може да издржи за да можат да ја посетуваат оние евреи кои го преживеале земјотресот, се до изградбата на новата. Новата еврејска заедница е направена надвор од еврејското маало. Таа зграда и сега постои, отворена е 1972 година. Старата зграда е малку реновирана, и е именувана како Алберт Вајс.

Балансот на живот за евреите се нарушува уште кога пред 80 години се депортирани од своите домови,а со катастрофалниот земјотрес се рушат веќе и куќите и се губи и последната трага. Затоа и изложбата е посветена на 80 години од депортацијата и 60 години од земјотресот со што се губи секаква трага за ова маало кое некогаш постоело во централниот дел на градот“, изјави Жаклина за читателите на Трн.

Еврејското Маало се наоѓало лево од Камениот мост, во правец на Старата скопска чаршија и наспроти маалото Ибни Пајко. Сега на негово место е изграден Меморијалниот центар на Холокаустот. Маалото било формирано уште во средниот век.

Кон крајот на 19 и во почетокот на 20 век во ова маало почнале да се отвораат отворени кафеани со бавчи, биле изградени големи приватни куќи, како и училиште. Во ова маало на брегот на Вардар во 1906 година бил изграден и првиот театар во Скопје, познат и како Турски театар и како Ада кафе, на чие место подоцна, во периодот 1921 –1927 година, бил подигнат и Народниот театар во Скопје. Маалото со дрвено мовче, кое било познато и како Еврејско мовче, било поврзано со десниот брег на реката Вардар, кој водел во познатиот пасаж „Ароести“, првиот модерен трговски центар во Скопје.

Маалото го изгубило својот еврејски идентитет по депортирањето на неговите жители во концентрациониот логор „Треблинка“ во март 1943 година. По земјотресот од 1963 година, маалото било разурнато и на негово место била подигната меѓуградската автобуска станица. Денес на нејзино место се наоѓа Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

Мал дел од фотографиите што ќе бидат поставени на изложбата се од архивската документација на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а поголемиот број се создадени од Рафаел Алтарас и добиени од неговиот син на подарок за Фондот на холокаустот.

Рафаел (Ратко) Алтарас е роден на 28 март 1923 година во Белград, како шесто дете на Авраам и Флора Алтарас, сефардско еврејско семејство. Во 1941 година се приклучил на партизанското движење во борбата за ослободување на земјата и бил носител на партизанска споменица 41-ва (прв борец).

-Од целото семејство Алтарас, тој и неговите две постари сестри, кои се венчале пред почетокот на војната (презимиња Димитријевиќ и Радовиќ), ја преживеале војната. По неговото ослободување, тој ја продолжил својата кариера како офицер на ЈНА и се пензионирал во ранг на полковник на ЈНА. Во периодот од 1959 до 1963 година, тој служел во скопскиот воен округ, и го доживеал скопскиот земјотрес таму – тој бил меѓу првите кои дошле да им помогнат на повредените. Бидејќи фотографирањето му било хоби и никаде не одел без фотоапаратот, помагајќи и фотографирал. Со тоа фотографиите биле создадени како автентичен запис за ужасот кој го снајде градот Скопје, соопшти Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Куратор на изложбата е Жаклина Мучева. Ќе трае до 31 август 2023 и ќе биде поставена на вториот кат  во Меморијалниот центар на холокаустот – изложбен салон. Влезот за изложбата е слободен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни