„Рапсодија“ во чаша полна љубов е насловена изложбата на дела од ликовниот уметник Владимир Темков, што утревечер ќе биде отворена во Македонската академија на науките и уметностите, информираа попладнево од тимот на кавадаречкиот автор. Притоа беше соопштено дека изложбата на дела од Темков, кој е носител на највисокото државно признание награда „11 Октомври“ за животно дело, ќе ја отвори академик Влада Урошевиќ. Самостојната изложба на слики од овој циклус ќе биде отворена во ликовниот салон со почеток во 20 часот.
– Владимир Темков е дипломиран професор по ликовна култура. Роден е во Кавадарци во 1959 година, потекнува од работничко семејство. Основно образование завршува во основното училиште „Страшо Пинџур“, средно уметничко и Педагошка академија во Скопје, а Факултет за ликовни уметности – отсек графика и магистерски студии – отсек сликарство завршува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, информираа од тимот на Темков.
Подвлекоа дека овој ликовен уметник е основач и организатор на ликовна колонија во Кавадарци, што постои речиси 30 години, а има учествувано на многубројни самостојни и групни изложби, колонии и други културни настани, освоено бројни награди во земјава и во странство.
– Дела на Темков низ годините биле дел од изложби во големи светски културни центри како Њујорк, Париз и други градови низ светот, а самиот има реализирано студиски престои во повеќе светски културни метрополи, рекоа од неговиот тим, задолжен за подготовка на изложбата во МАНУ.